Името, идентитетот, историјата и традицијата не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата – вели митрополитот Агатангел

Митрополитот на Повардарската епархија, Агатангел, во своето велигденско послание, освен што на верниците им го честита најголемиот христијански празник – Воскресение Христово, тој се осврнува и на, како што вели, „тешката состојба во која сме доведени“.

За митрополитот Агатангел, денешниот човек е збунет и дезориентиран.

„Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането. Сè на овој свет се измешува и поматува, жената престанува да биде жена, а мажот престанува да биде маж, црното станува бело, а гревот – добродетел. Доблеста и чистотата е прогонета некаде во минатото, таа станува остаток од некаква нејасна традиција, која притиска и затапува. Сега, како генерација, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда. Ако тоа час поскоро не го сториме, тогаш духовно ќе се разориме себеси одвнатре, дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени. Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога“вели тој.

Понатаму, во посланието на митрополитот повардарски, се вели дека македонскиот народ, државата, но и Црквата, мора да го зачуваат името и идентитетот.

„Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата. Мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина“ стои меѓу другото во неговото велигденско послание

Back to top button
Close