Името од Скопје на камена плоча во Бухенвалд

Не го запаметив презимето, но името беше Илија. Студент од Скопје, стоеше на камената плоча врз црната земја во логорот Бухенвалд. Во неделата на крајот на минатиот јули владееше истата горештина како и денес. Тогаш патувавме од Келн за Вајмар. Уште кога ја здогледав на хоризонтот високата сива кула, се стресов. Знаев што е таа! Знаев дека таму се наоѓал логор. Иако имав изумено дека конц-логор имало толку близу до прочуениот  Вајмар. Тој е познат со Вајмарската класика во деветнаесеттиот век. Таму  твореле  Гете и Шилер, Виланд и Хердер. Симболот за германската култура воопшто е плоштадот пред театарот во Вајмар, каде што е прочуениот споменик на Шилер и Гете.

Додека се приближувавме кон Вајмар,  окото не сакајќи постојано на видикот ја бараше високата кула, а  од сликата ме обземаше чуден студ. Тој не ме остави на мир ниту додека седевме  на вечера  во италијанскиот ресторан на плоштадот пред театарот,  а пред нас, на неколку метри  бдееја великаните  Шилер и Гете. На прошетката низ градот ми оставија впечаток црнобелите фотографии, високи два-три метри, поставени до тротоарот на улицата крај  великолепното здание на музејот. Тоа беа фотографии на преживеаните од логорот Бухенвалд. Нивните имиња и кусата биографија беа отпечатени врз паноата. Знаев отсекогаш за логорот Бухенвалд, но не знаев дека се наоѓал толку блиску токму до Вајмар. „Каква иронија“, ми одеше постојано низ умот. „Едно до друго се наоѓа симболот за  врвот на естетската култура на Германија, Вајмар,  и симболот  за најголемото варварството,  логорот на смртта.“ Не можев да не  мислам на високата кула и додека вечеравме. Кога тргнавме кон хотелот,  на еден свиок го  видов знакот – Музеј на логорот Бухенвалд.

Влезот во поранешниот концентрационен логор БухенвалдВлезот во поранешниот концентрационен логор Бухенвалд

Утредента, под силното јулско сонце, тргнавме кон Бухенвалд. Логорот се наоѓа среде густа шума. Впрочем, тоа значи името Buchenwald: букова шума. Сепак, во логорот нема ниту едно дрво. Само црна  земја, небаре е јагленосана и земјата во гасната комора, чија зграда уште стои среде логорот. На местата каде што се наоѓале бараките на затворениците, денес има броеви и камени плочи. Во Бухенвалд  биле депортирани  политички затвореници, членови на отпорот од Франција, комунисти и други противници на нацистичкиот режим. На една гранитна плоча  во земјата стоеја десетина имиња на бугарски студенти, убиени во логорот. Меѓу нив беше и  едно име на Скопјанецот Илија.

Спомен-плочата беше поставена од  бугарската држава. Спонтано се прашав, која бугарска држава: социјалистичката или сегашнава? Поверојатно е дека спомен-плочата била поставена во времето кога Бухенвалд уште се наоѓаше во бившата ДДР, а Бугарија во Варшавскиот лагер. Се прашав, од кое место биле депортирани тие млади луѓе? Впрочем, бугарската држава во Втората светска војна беше сојузничка на Третиот Рајх. Ги  депортирале ли од  „старата Бугарија” или од „новата”, од новоосвоените територии, како Македонија? Затоа што крај некои од имињата стоеше родно место во денешна Бугарија. Зошто бугарските или германските власти ги депортирале овие луѓе? Затоа што биле комунисти? Затоа што биле антифашисти? Можеби биле млади комунисти кои студирале во Германија, се прашував подоцна, додека веќе се наоѓавме на пат кон  Келн.

Спомен-плоча за жртвите во концентрациониот логор БухенвалдСпомен-плоча за жртвите во концентрациониот логор Бухенвалд

Лани уште верував дека е возможна „педагогијата на мирот” и со соседите на Македонија. Иако денешните Бугари  не сакаат многу да бидат потсетени на учеството  на нивните предци во окупацијата на Македонија. Сепак, си замислував да му понудам на  еден мој  колега, бугарски филозоф кој одлично говори германски, заеднички да ги истражиме во германските и бугарските архиви биографиите на овие млади луѓе од Бугарија и Македонија, убиени во Бухенвалд. Нели тоа би бил вистински европски проект? Не им го должиме ли тоа на нашите деца, на младите на Балканот? Не им го должиме ли тоа на нашите предци?

До кога националистите ќе го диктираат духот на времето во балканските општества, се прашував и пред некој ден, додека се подготвував за моето предавање за филмот „Хирошима, љубов моја” на Ален Рене. Малкумина во Македонија  знаат дека неговиот прв документарен филм од 1955-та, „Ноќ и магла”, („Nuit et brouillard”)   посветен на логорот во Аушвиц,  е дел од наставниот план по историја во германските и во француските училишта.  Сценариото за филмот, во кој Рене користел историски материјал што го комбинирал со актуелен материјал од логорот во  Аушвиц,  го напишал францускиот поет Жан Кејрол, кој бил затвореник во еден германски логор. Германскиот превод за верзијата за Западна Германија го  направил прочуениот поет Паул Целан, кој самиот го преживеал Аушвиц. Музиката за филмот ја напишал исто толку познатиот Ханс Ајслер, кој подоцна ја создаде химната на ДДР, додека во емиграцијата заедно со  Т. В. Адорно напишал книга за филмската музика.

Рене го снимил филмот по иницијатива на здружението на некогашните депортирани француски учесници на Отпорот. Тоа се заложило многу брзо по војната да  биде прогласен ден на паметење  и споменик за депортацијата. Историчарите кои ја изработиле документација за депортацијата сакале да го привлечат и вниманието на младите со документарен филм.  Ален Рене во филмот  „Ноќ и магла” не  раскажува само за депоратацијата на француските комунисти, туку  депортацијата воопшто во логорите на смртта како Аушвиц. Филмот не поминал без контроверзни реакции. Кога 1956-та бил пријавен на фестивалот во Кан, германската влада издејствувала, француската влада да побара од управата на фестивалот, филмот да не се прикажува. Меѓутоа познати уметници во двете земји протестирале и барале од своите влади филмот да биде прикажат. Така бил прикажан во специјална програма. 1980 францускиот министер за култура донел одлука тој филм да се прикажува во училиштата како наставен материјал.

Ноќ и магла“ стана многу рано сведоштво за особената „култура на паметење“ на европските општества. Пред кусо време, на еден германски универзитет имаше дебата за овој филм со студентите по  медиумска и филмска естетика. Една од учесничките потсети на зборовите на Примо Леви како аргумент зошто се актуелни ваквите филмови: „Затоа што еднаш се случи, тоа може пак да се случи.“ Јас помислив и на зборовите на Адорно за  тоа дека  треба „да се секуларизира“, да стане нова световна максима, Паскаловата теолошка изјава – „оn ne doit plus dormir“( „не смее повеќе да се спие“).  По Аушвиц треба да се бдее над мирот!

Повеќе од авторката: Зошто историјата за Македонците „стои во место“ или се повторува

Благодарение на мирољубивата политика во последните децении, која беше  и резултат на ЕУ, но најмногу на посебната „култура на паметење“ во земјите како Германија, национализмот беше долго стигматизиран и неприфатлив како ретроградна, примитивна идеологија. Ние сите верувавме дека сме воспитани во пацифистичкиот западно-европски дух, кој беше гаранцијата против војните на европско тло. Сепак, Адорно  постојано потсетуваше дека варварството, за кое е симбол Аушвиц, секогаш може да се повтори. Една од причините за него беше „бирократизираниот“ свет во модерните општества. Тој денес ја деперсонализира личноста и го култивира  политичкиот и стопанскиот егоизам на нациите, кој се пројавува низ анахрониот национализам. Парадоксално, за тоа јасно сведочи  денес токму  актуелната состојба на духот во  бриселската бирократија, која беше создадена од „татковците“ на ЕУ за да се спречи повторното пропаѓање во примитивниот национализам. Тој сега не само што се чувствува удобно во „бирократските механизми“, туку  почна и да ги поткопува и темелите на самата идеја на европското обединување.

Kица Колбе

извор: ДВ

Back to top button
Close