Имоти во Грција: од 8 до 32 илјади евра за метар квадратен
Од крајот на пандемијата, Грција поставува рекорди за посетеност. Во првите осум месеци од оваа година бројот на туристи се зголемил за 9,9 отсто во однос на истиот период во 2023 година, пишува „Ханделсблат“. Но, земјата привлекува не само туристи – таа е позната и по тоа што нуди 300 сончеви денови годишно, има најдолго медитеранско крајбрежје, благи зими и антички споменици, покрај познатото гостопримство.
Се повеќе странци доаѓаат во Грција за да купатнедвижен имот, а тоа неминовно води до зголемување на нивните цени во најпопуларните одморалишта.
Рекордна побарувачка за недвижен имот
Сепак, сè уште има можности за профитабилно стекнување имоти во Грција . „Побарувачката за недвижен имот во земјата никогаш не била толку висока“, изјави брокерот Јоргос Гаврилидис за Ханделсблат. Над 50 отсто од клиентите на неговата фирма се од земји од германско говорно подрачје.
„Откако Грција помина низ финансиската криза во 2010-тите, пазарот за недвижности за одмор цвета“, истакнува Гаврилидис. Бумот започна по пандемијата, и не покажува знаци на пад. Годинава, на пример, барањата за имот од Германија се зголемени за 35 отсто во споредба со 2023 година, а најголем интерес има за Крит, Пелопонез и островите Лефкада и Крф.
Во корист на Грција сè уште се релативно умерените цени, рече Гаврилидис за Ханделсблат: „Тие растат меѓу осум и десет проценти годишно, но сепак се за една третина пониски од сличните имоти во Шпанија, Франција или Италија, со исклучок на многу бараните Миконос, Санторини и Парос“. Плус за одморалиштата е тоа што купувачите често го комбинираат користењето на имотот за свои потреби и за изнајмување. „Околу три четвртини од нашите корисници ги користат становите за себе во пролет и есен, а во екот на сезоната ги издаваат“, вели Гаврилидис.
Брокерот Мариос Христодулу за германското издание изјави дека најбарани се имотите со површина меѓу 100 и 165 метри квадратни по цена од 250.000 до 380.000 евра. Во исто време, расте интересот за полуксузни имоти. Како што пишува „Ханделсблат“, атинската ривиера е сè само не евтина. На голем број места покрај крајбрежјето, речиси и да нема никакво неизградено земјиште. А, не се малку и случаите каде што се уриваат згради од 80-тите години за да се изградат луксузни домови на нивно место.
Од 8 до 32 илјади евра за квадрат
Побарувачката е огромна, нагласува „Ханделсблат“. Тоа се забележува од цените за метар квадратен, почнувајќи од 8-10 илјади евра. Највпечатлив пример за тоа е интересот за облакодерот во изградба Rivierа Tower во близина на аеродромот во Атина – во него се готови само 12 од планираните 50 ката, но сите 170 станови се продадени по цени кои достигнуваат до 32.000 евра за метар квадратен.
На друго место, сепак, има можности за стекнување на имоти по пониски цени, посочуваат од „Ханделсблат“. Според брокерот Георг Петрас, тие се претежно на Пелопонез, во Епир и на Халкидики. Мариос Христодулу, од своја страна, го посочува Пелион, полуостровот во близина на Волос.
Можности за купување попрофитабилни имоти има и на малиот егејски остров Липси, пишува германското издание. Сè уште има мирни заливи со златен песок и кристално чиста вода, автентични таверни и недопрена природа. Не случајно во август годинава бројот на туристи таму е зголемен за 33 отсто во однос на лани. „Ханделсблат“ ги препорачува и островите Тилос, Сими и Чалки во близина на Родос, каде цените се многу пониски отколку на големите острови.
Во исто време, сепак, не треба да се заборави фактот дека овие острови се тешко достапни вон сезона. Кога туристите заминуваат, продавниците се затвораат, а траектите од копното доаѓаат само еднаш или двапати неделно. Овие острови одат во зимски сон, додека поголемите како Родос или Крф ја имаат предноста што не се исклучиво туристички. Имаат многу да понудат надвор од сезоната, а имаат и добра инфраструктура, вклучително и медицинска помош, што е особено важно за постарите купувачи на домови.