Императивот на среќа и експанзијата на индустријата за самопомош

Кога некој не прашува што сакаме во животот или кога некој ни посакува нешто, најчесто овие желби се поврзуваат со среќа и среќен живот. Концептот на среќата е суштински за разбирање на капиталистичкото општество во кое живееме. Зошто? Бидејќи среќата станува стока – нешто што сите го посакуваме, празнина што се стремиме да ја пополниме, која е поврзана со дискурсот за менталното здравје и нашата функционалност како успешни индивидуи.

Иако има пред се психолошки карактер, концептот на среќа има своја историја, а секоја култура и секое општество има своја „лекомислена среќа“ (eng. unthinking happiness). За нас во неолиберално – капиталистичкото секојдневие, таа лекомислена среќа која н се доведува под прашање и која сите ја бараме се однесува на следново: семејство и брак, кариера и работа, добро здравје (ментално и физичко), слободно време, духовност/религиозност.

Според Сара Ахмед, оваа лекомислена среќа сме ја интерлизирале преку воспитувањето и образованието, т.е. преку примарната и секундарната социјализација. Да се ​​биде во дигитално општество нè изложува повеќе од кога било на наративи за среќата, т.е. ја репродуцира индустријата за среќа. Па, ако внесете „совети за среќа“ или „како до среќен живот“ во пребарувачот Google, ќе видите серија написи како „10 едноставни совети за среќа“, „совети кои ќе ви помогнат да станете вистински среќна личност“, „формула за среќа“ и многу други.

Затоа, никој не сака да биде депресивен, сите сакаме да бидеме среќни и да имаме осмислен живот, зар не? Ова е причината зошто многу теоретичари наведуваат дека живееме во општество кое се карактеризира со императив на среќата: социјален и морален императив што се репродуцира според формата на организација на пазарот. Среќата сега се конзумира бидејќи целокупната грижа за благосостојбата и функционалноста се префрлена на нас како поединци и на нашето претприемачко себство.

Од среќа до контрола
Имено, идејата за среќа со цел општа благосостојба, според Николас Росе, се родила во втората половина на 20 век, а на почетокот на 21 век (денес) е надополнета со опасноста од ризик. Во контекст на менталното здравје, овој ризик се однесува на дисфункционалност, непродуктивност, неефикасност и неможност „нормално“ да се справиме со стресот, депресијата, анксиозноста итн. Со други зборови, овој ризик и несреќа се оцртуваат во нашата неспособност да придонесеме на економијата и општата благосостојба.

Така, идејата за среќа е главната компонента на општествената реалност и реториката на доминантните дискурси, од менталното здравје до семејниот и деловниот живот. Среќата ја перпетуираат сите, од психолози, психијатри и медиуми до научници кои спроведуваат различни истражувања на оваа тема, а со тоа и самата јавна политика. Среќата станува дисциплинарна техника на управување со општеството. Како што постојат закони кои го регулираат човековото однесување, така и потрагата по среќен и осмислен живот нè регулира и дисциплинира нас како граѓани и потрошувачи.

Овој вид на интернализација на императивот на среќата е возможен поради празнината која поединецот ја чувствува – празнина што постојано се обидуваме да ја пополниме. Од психоаналитичка перспектива, според Жак Лакан, среќата е токму таа празнина која поединецот се стреми да ја постигне. Како празнина која нè прогонува во нашиот немирен и постојан копнеж, бидејќи сме социјализирани во такви облици на знаење и пазарни барања, поради кои постојано копнееме по среќа (по позитивно ментално здравје, по кариера, семејство, мир и хармонија) за нашиот идентитет да биде целосен. Поради оваа причина, среќата како императив и/или желба ги насочува нашите постапки на неолиберални субјекти, обликувајќи го кохерентниот свет во кој живееме.

Оваа агенда на благосостојба, позитивно ментално здравје и среќа се одржува поради натпреварувачката природа на неолиберализмот и морализацијата. Ние се споредуваме и судиме, а неолибералната пазарна логика не научи да се натпреваруваме за моќ, пари, способност, виталност и на крајот – за среќа. Така, среќата, како дел од современите дискурси, станува функција на консумеризмот.

Замената на граѓанинот на националната држава со неолибералниот потрошувач бара модифицирани методи за контрола на разумот, менталното здравје и среќата, а токму конзумеризмот станува новата стратегија и пазарна логика што се користи за дисциплинирање на граѓаните. Конзумеризмот се чини дека е наједноставната регулаторна техника имајќи предвид дека целта на трошењето првенствено е задоволување на човековите потреби за опстанок и задоволување на желбите.

Сепак, тој игра важна улога и во функционирањето на економијата и пазарот. Поради оваа причина, секојдневно сме бомбардирани со совети како да водиме среќен и исполнет живот, или со производи кои ќе не направат среќни, или техники за самопомош, спиритуални активности, зајаци против анксиозност, психофармацевтски препарати…

Индустрија на среќа
Императивот на среќата дополнително експлодираше и се прошири во секоја пора од нашиот секојдневен живот благодарение на дискурсот за позитивна психологија. Тоа е дискурс кој бара од нас да бидеме цврсти однадвор и послаби одвнатре, што дополнително ја ескалира нашата анксиозност и депресија предизвикани од заканата од постојаната социјална евалуација и социјалните очекувања. Постојаното чувство на недостаток (за смислен и среќен живот, кариера, семејство, куќа, автомобил…) доведува до постојано и компулзивно трчање по траката која води кон среќен живот.

Во такви околности, терапевтската конзумација и самопомош се нудат како еден од најлесните механизми и техники за справување со проблемите, што истовремено ги намалува расположливите износи на нашите кредитни картички. Различни автори, самопрогласени експерти, брендови и многу други скокнаа во оваа приказна со своите книги за самопомош, а големите фармацевтски компании со нивните психофармацевтски производи.

Во оваа неолиберална клима која се карактеризира со недостаток на време, долги работни часови, неизвесност, несигурна работа (прекаријат) и губење на социјалните врски, постои социјална атмосфера на криза и грижа за менталното здравје. Индустријата за позитивна психологија и среќа, водена од максимата „здравјето е стока“, достигна рекордни 1 трилион долари во 2017 година. Според Велимир Гргиќ, автор на книгата The Happiness Industry (2022), пазарот за самопомош денес вреди 40 милијарди долари, а до 2030 година би требало да скокне на 67 милијарди.

Индустријата за среќа и терапијата за самопомош се обидуваат да ги прикријат пукнатините во нашата економија, политички систем, општествени односи и култура. Личноста која живее во општество кое е длабоко нееднакво, работи во несигурна економија, живее без социјална поддршка од државата, но  влеглa во вителот на кoмпетитивност, материјализам, индивидуализам и егоизам, најверојатно поголемиот дел од времето ќе се чувствува несреќна. Во таква средина, за неолибералниот субјект, среќата се претставува како одлука и конкретна цел што треба да се постигне преку користење на услуги за благосостојба како што се терапија, книги за самопомош, одење во теретана, паметни часовници, здравје, медитација, јога, мотивациони говори и следење профили на life coach-ови на интернет, лекови за подобрување на расположението и така натаму. Така, масовниот маркетинг, барањата на пазарот и економизацијата на здравјето се одржуваат во живот благодарение на доминацијата на терапевтската индустрија, каде активностите за самопомош се незаменлив дел за секој од нас.

Драстичното зголемување на терапевтската индустрила за самопомош во голема мера е овозможено од ерата на Интернет и психолошките техники на припадност, верување и автосугестија, а таа влегува во нашите животи на различни начини: преку инфлуенсери на социјалните мрежи, мимовите на Фејсбук/Инстаграм , совети од психолози и психотерапевти, подкасти, велнес индустрија, медиуми или „алтернативни“ култури кои се поврзани со медитација и слични спиритуални практики.

Лек за сите?
Глобалната индустрија за самопомош доживеа бум и исклучителна експанзија во последните две децении. Во неолибералната реалност каде што човечкото страдање и егзистенцијалните потреби се поставуваат како индивидуална одговорност, здравјето е комодифицирано и нашите животи се колонизирани со терапевтска култура од страна на фармацевтските компании, самопрогласените експерти, влијателите на социјалните мрежи, велнес брендовите и многу други.

Поради императивот на среќата, сите ние стануваме потрошувачи, а консумеризмот се перпетуира како „единствен лек“ за сите лични неволји и психолошки нарушувања. За да избегаме од притисокот и неизвесноста на неолибералните услови за работа и живот, ние се опкружуваме со брендови, услуги и производи за одмор, разни терапевтски активности за само помош кои се дистрибуираат во нашето секојдневие од неолиберални (профитабилни) причини.

Конечно, овој текст нема намера терапевтските техники и книгите за самопомош да ги претстави како штетни или бескорисни, туку дава приказ за експанзијата на терапевтската индустрија која ја храни глобалната економија, ја искористува човечка неволја и страдање, и нè става на работ на среќата и потрагата по неа.

На индивидуализацијата на социјалните патологии треба да се пристапи критички пред да можеме да ја разбереме и да се бориме против зголемената сиромаштија, стапките на (самоубиства), несигурното вработување, нееднаквоста, сеприсутната нетолеранција и насилството.

Извор: Voxfeminae
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close