Империјалниот замор предизвика гниење на американската демократија

Денко Малески

Во годините кога ја претставував Македонија во ОН (1993-1997), дебатата беше дека американската моќ е пресилна за тесните рамки на светската oрганизација создадена по Втората светска војна. Америка тие години навистина беше единствената голема сила, па нејзината моќ лесно ги проби ограничувањата на повелбата, а државата почна да ја употребува својата сила без согласност на Кина и на Русија во Советот за безбедност. Дизајнирано да ја игра улогата на бушон кој попречува да избие војна меѓу големите сили, правото на вето кое го имаат Кина и Русија, стана пречка за Америка како либерален хегемон. Па така, без да бара одобрени од никого единствената голема сила интервенираше во Панама 1989, во Косово 1999, во Авганистан 2001, Ирак 2003, во Либија 2011, заедно со ракетни удари врз Пакистан, Јемен, Сомалија и Сирија.  Реалистите велат дека е ова нормално поведение на хегемонот кој воспоставува ред во светот, либералите дека е тоа удар врз легитимитетот на ОН и кршење на меѓинародното право.И едните и другите се во право.

Но, огромната сила на Америка и исто таквата слабост на Кина и на Русија тие деведесетти, одлучи во прилог на политиките на хегемонот. И така се случи, државата основач на ОН, Америка, да се сврти против организацијата која самата ја креирала. Дотаму што денес, Доналд Трамп отворено го негира меѓународното право велејќи дека само личниот морал е границата во употребата на американската сила.

И за апсурдот да биде поголем, гледајќи ја вистината в очи, во одбрана на ОН застанаа тогаш, како и сега, Кина и Русија. Русија затоа што, иако слаба, почна да работи на враќање на својот статус на голема сила исто како и Кина која имаше корист од ОН и статусот на голема сила. Формално -правно Кина и Русија беа еднакви со Америка, но фактички многу нееднакви во тиј униполарен момент. Наречен така затоа што мерено со посериозни временски аршини, три децении се навистина само момент, ова време е зад нас. Путин, пресметувајќи се со олигархијата (ви дадовме што ви дадовме , крадевте што крадевте сега надвор од политиката зашто власта е во мои раце) , ја воскресна Русија и направи од неа сила способна да одолее на хегемонот и на неговите европски вазали.

Кина, пак, преку економска соработка со Америка и со Западот, ја превзеде технологијата и јурна напред со труд и иновации кон статусот на ривалска сила на Америка, во вистинската смисла на зборот. Сега, во своите комуникации претставниците на големите сили час се сакаат час се мразат. Така нагледно разбираме она што, на еден состанок во просториите на ОН, ни го кажа Џулијус Њерере, претседателот на Танзанија – дека тревата страда не само кога слоновите се во битка туку и кога водат љубов.

Живееме во лоши времиња. Лоши за малите држави, лоши за средните сили, лоши за големите сили кои може секој момент да се „спукаат“ и да го повлечат човештвото во бездната на нуклеарна војна. Лошите времиња се последица на потресите кои ги предизвика крајот на униполарната ера на доминација на една голема сила Америка и прераспределбата на светската моќ на уште два центри – Кина и Русија.

Како и при секоја делба на имот меѓу луѓето и меѓу големите сили во борба за свои сфери на влијание, атмосферата е наелектризирана и опасна. Но, има опасности и опасности. Претпоставувам дека на претседателот на Америка Доналд Трамп,, човек без широко образование, американските „служби“му покажале филмувани верзии за последиците од нуклеарна размена на 5,177 американски и 5,459 руски интерконтинентални нуклеарни ракети, во војна која би траела само два часа, за тој да ја исклучи директната американска воена интервенција во Украина.

Но, каква е оваа негова политика на мир? Не можејќи, заради домашната и европската опозиција, да ја запре војната во Украина Трамп ја подготвува Америка за нова војна против Иран. Кон Арапското море се упатува најголемиот носач на авиони „Џералд Форд“ како поддршка на веќе стационираниот носач на авиони. Ќе има ли нова војна или не? Ќе видиме , вели Трамп. А како што умно рекол Џорџ Кенан, таму каде што се концентрира оружје многу е веројатно да има војна. Иако нешто понов од планот за растурање на Русија со инсталирање, преку НАТО, на американски воени ефективи во Украина, и планот за растурање на Иран е дел од поведението на довчерашниот глобален хегемон. Што се случува со американскиот политички систем?

Парадоксално, одговорот за опасноста од либералната експанзија на американската моќ во светот, во форма на предупредување, ја наоѓаме во делото „Големата шаховска табла“на шампионот на таа експанзија – Збигњев Бжежински. Имено, Бжежински предупредува дека улогата на Америка како светски либерален хегемон може да се судри со американската демократија. Неговите базични точки се дека одржување хегемонија надвор создава притисоци кои ја поткопуваат демократијата дома. Поинаку кажано одржувањето империја бара тајност ( тајни операции, манипулации со јавноста, јакнење на безбедносната компоонента на сметка на конгресен надзор и јавна дебата) а демократијата бара јавност. Следат и други предупредувања: надворешните интервенции ја поткопуваат домашната кохезија; не е можно демократските вредности да се наметнат со сила на други народи; хегемонското владеење со светот создава јаз помеѓу масите и елитите а, со тоа, и погодна почва за појава на демагози. Кажано во една реченица, Бжежински предупредува дека империјалниот замор ќе предизвика трулење на демократијата во Америка. Тоа ли и се случува со Америка во ерата на Доналд Трамп?

Back to top button
Close