In Memoriam Сашо Тавчиовски
Денко Малески
Замина еден од неколкуте мои најблиски соработници од годините на независноста – Сашо Тавчиовски. Јас на четириесет и некоја тој на триесет и некоја за прв пат се сретнавме во мојата министерска канцеларија на четврти кат на зградата на „Статистика“, до која, низ еден секогаш валкан ходник водеше исто таков лифт без внатрешна врата кој се движеше со невидена брзина.

Откога си признав дека не е можно да создадам ефикасно министерство во краток рок, а писмата кои ги праќав надвор понекогаш се губеа низ ходниците, решив да се опкружам со неколку луѓе „од доверба“. Но, и тоа беше проблем во тие опасни времиња кога, согласно човековата природа, желбата да се „гледа сеир“ беше посилна од желбата за ангажман кој бараше лични жртви. Така, завршив со неколку новодојденци кои не беа дел од структурата изврзана со персонални врски кон разни политичари надвор од некогашната Комисија за односи со странство сега Министерство за надворешни работи.
Од разговорот разбрав дека Сашо работел во Сојузното министерство за надворешни работи во Белград и толку. Зошто се најде во Скопје во моменти кога уште не го бев објавил повикот до македонските дипломати да го напуштат Белград и да и се приклучат на новата македонска дипломатија, не прашав. Не прозборевме, ни тогаш ниту подоцна. Едноставно, немавме време за озборувања. Бевме свесни дека и од нашата работа зависи иднината на нацијата и државата.

Умен, посветен на работата до максимум таквите како Сашо во Америка ги нарекуваат „no nosense“ личности. И навистина, кога работеше немаше шега со него. Директен и остроумен во оценките без трошка напор да се допадне некому, Сашо ја зборуваше вистината. Тоа и го очекував и го ценев кај него зашто така постапував и јас. Години подоцна, кога, во една прилика, ме викна на разговор претседателот Борис Трајковски и ми образложи една своја идеја, му кажав во лице точно она што го мислам. Учтиво,bсе разбира, ама одлучно. Кога ве слушам, ме потсетувате на некого професоре, прокоментира Трајковски. На еден мој советник по име Сашо Тавчиовски кој вака знаеше да ме „тресне од земја“. Дали го познававте? Ми беше прв соработник,одговорив во годините на независноста…
Сè уште се сеќавам на една убава глетка од прозорецот на Министерството, таа 1991 или втора: Сашо, со мантил на ветровит ден, прегрнат со девојката која подоцна ќе ја ожени – Слаѓана Прица.