Инцидент во албанскиот парламент: опозицијата со шишиња против виртуелната „министерка“ Диела
Албанскиот парламент во саботата попладне беше сцена на хаотични настани откако премиерот Еди Рама ја претстави Diella – виртуелната „министерка“ создадена со вештачка интелигенција, која ќе биде задолжена за надзор на јавните набавки и борба против корупцијата. Опозициските пратеници реагираа бурно, фрлајќи шишиња и документи кон премиерот, обвинувајќи го проектот дека е неуставен и „политичка фарса“.
Што претставува Diella
Diella е ВИ-систем изработен во соработка меѓу Microsoft и Националната агенција за дигитално општество на Албанија. Таа ја презема функцијата „министерка за јавни набавки“, иако не е физичка личност, со цел да ги направи тендерите целосно транспарентни и заштитени од корупција. Претходно, Diella беше виртуелен асистент на платформата e-Albania, каде им помагаше на граѓаните со административни услуги.
Критики и протест на опозицијата
Опозицијата го нарече воведувањето на Diella неуставно и го оцени како обид на владата да го одврати вниманието од корупцијата. Најостриот инцидент се случи кога опозициските пратеници повикаа на бојкот и одбивање на презентацијата. Заседанието беше прекинато по само 25 минути расправа, но и покрај тоа, владината програма доби поддршка во парламентот – Скопје1.мк