Индија се закани дека ќе одговори на секоја ескалација од пакистанска страна
Индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар денеска предупреди дека Индија секоја понатамошна акција на Пакистан ќе ја смета за ескалација, на која Њу Делхи ќе одговори.
Тој истакна дека Пакистан ќе биде одговорен за последиците доколку биде нападната индиска инфраструктура.
Џаишанкар рече дека наскоро ќе се состане со Комисијата за следење санкции на Обединетите нации 1267, која се занимава со тероризам, наведувајќи дека поединците кои настрадаа во нападите на Индија врз Пакистан биле „терористи“.
– Не беа гаѓани воени цели во Пакистан, туку беше погодена терористичка инфраструктура, рече тој.
Тој истакна дека првичната ескалација се случила за време на нападот на индиски туристи во Кашмир, а дека Индија немала намера дополнително да ескалира, туку нејзините напади на Пакистан, според него, претставувале само одговор.
Џаишанкар исто така го обвини Пакистан дека злоупотребува верски објекти за радикализација и обука на „терористи“, наведувајќи дека Индија „нема добро искуство“ во соработката со Пакистан за време на истрагите за претходни „терористички напади“.
Тој додаде дека Пакистан го крши договорот за водите на реката Инд, создавајќи блокади на индиското право на користење на тие води.
Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Асиф претходно денеска изјави дека САД ги предводат меѓународните напори за деескалација на тензиите меѓу Индија и Пакистан, а во процесот се вклучени и земјите од Заливот.
Асиф изјавил дека, доколку Пакистан се одлучи на дополнителна одмазда, ќе таргетира индиски воени објекти, пренесе Еуроњуз.
Индиските власти денеска соопштија дека 16 цивили, вклучувајќи три жени и пет деца, се убиени во пакистански напади.
Индија претходно денеска евакуираше илјадници луѓе од селата во близина на границата меѓу двете земји во Кашмир, а системот за противвоздушна одбрана на Пакистан утрово собори индиски дрон во градот Лахор.
Инцидентот со дронот следуваше откако Индија претходниот ден изведе ракетни напади на пакистански локации во кои загинаа 31 цивил, вклучувајќи жени и деца, според официјални информации.
Тензиите меѓу двете земји се зголемија откако неодамна беа убиени 26 индиски туристи во Кашмир