Индискиот премиер ѝ даде оперативна слобода на армијата да одговори на нападот во Кашмир

Индискиот премиер Нарендра Моди и даде уверување на својата војска дека има „оперативна слобода“ да одговори како што сака на нападот во кој загинаа 26 лица во индискиот Кашмир, изјави владин извор.

На состанок со началниците на генералштабовите, Моди им рече на вооружените сили дека тие „имаат слобода да одлучуваат за целите, времето и начинот на одговор на Индија на терористичкиот напад што ги таргетираше цивилите во Кашмир“, изјави изворот, кој не сакаше да биде именуван,пренесоа француските медиуми.

Моди „ја потврди националната решеност да му зададе решителен удар на тероризмот и изрази целосна доверба во капацитетот на индиските вооружени сили“ да го сторат тоа, продолжи истиот извор.

На 22 април, повеќе вооружени лица убија 26 лица во туристичкиот град Пахалгам, во делот од Кашмир што е под индиска администрација. И пред некој да ја преземе одговорноста за нападот, Њу Делхи го обвини Исламабад дека е одговорен за него. Тоа е најсмртоносниот напад врз цивили во областа со муслиманско мнозинство во повеќе од две децении.

Пакистан веднаш негираше каква било вмешаност и побара „неутрална истрага“.

Двете земји, нуклеарни сили, оттогаш се на работ на војна. Нивните влади воведоа голем број реципрочни дипломатски санкции, а нивните граѓани беа повикани да ја напуштат територијата на своите соседи најдоцна до денес.

Во последните неколку ноќи, индиските и пакистанските војници разменуваа оган од лесно оружје по таканаречената „Линија на контрола“, де факто границата што го дели Кашмир меѓу Индија и Пакистан, соопшти индиската војска.

Минатата недела, Моди јавно вети дека ќе ги гони сторителите на нападите и нивните соучесници „до крајот на светот“.

Кашмир беше поделен меѓу Индија и Пакистан кога прогласија независност во 1947 година. Но, двата соперници продолжуваат да тврдат дека имаат целосен суверенитет над областа. Од 1989 година, во индискиот дел од Кашмир има сепаратистички бунт, во кој загинаа десетици илјади луѓе.

Back to top button
Close