Индонезискиот вулкан Левотоби Лаки-Лаки исфрли пепел на висина од 18 км утрово

Вулканот Левотоби Лаки-Лаки на индонезискиот остров Флорес повторно еруптираше утрово, исфрлајќи столб пепел на висина од 18 километри, објави ДПА, повикувајќи се на индонезиската агенција за вулканологија.

Ерупцијата, регистрирана во 1:05 часот утрово (17:05 часот по Гринич вчера) во покраината Источна Нуса Тенгара, произведе густ облак од сиво-црна пепел. Материјалот се движеше кон југозапад, запад и северозапад, објави Центарот за вулканологија и намалување на геолошките опасности.

Највисокото ниво на тревога останува на сила. Властите ги предупредија жителите и посетителите да ја избегнуваат областа во радиус од шест до седум километри од врвот.

Вулканот еруптираше и вчера, исфрлајќи пепел на висина од околу десет километри.

Вулканот Левотоби Лаки-Лаки, еден од двата врва во вулканскиот комплекс Левотоби, покажа зголемена активност во последните години. Индонезија, која се наоѓа во област позната како Тихоокеански „Огнен прстен“, е дом на повеќе од 120 активни вулкани.

Back to top button
Close