Индустријата го прикрива нелегално стекнатото дрво

Дали Македонија треба да го примени бугарскиот пример во борбата со намерното палење на шумите? Откако Бугарија го има забрането извозот на опожарено дрво бројот на подметнати шумски пожари е драстично опаднат.
Таму денеска пет проценти од сите шумски пожари се намерно подметнати. Каде завршува(ло) опожареното дрво и како во Германија се утврдува видот и потеклото на дрвото користено за производство на пелети и други продукти?

 

Отидовме во Софија за да разговараме на темата со поранешниот бугарски заменик-министер и екоактивист, Тома Белев.

„Незаконско палење – имавме такви проблеми. Тие беа на крајот на минатиот век и почетокот од овој век. Тие беа поврзани со извозот на опожарената дрвна маса, која по правило е поевтина и соодветно царинските давачки и таксите беа поевтини, но откако се забрани извоз на опожарена дрвна маса веќе намерно палење на шумите со намера за добивање на дрвна маса немаме. Тогаш Бугарија беше надвор од Европската Унија. Тоа беше можност за брза заработка“, објаснува Тома Белев, основач на „Асоцијацијата на парковите во Бугарија“.

Тома Белев

Анализа направена за периодот до 2022 година покажала дека околу половина од дрвната маса која се добива во Бугарија е добиена со нарушување на еден или друг закон. Годишно во Бугарија се сечеле 4.000.000 м3 дрва, од кои 2 до 2,5 милиони се добиени од класична незаконска сеча. Од неа, годишно се откривани само 60 до 70.000 метри кубни. Во борбата со намерно подметнатите пожари, покрај забраната за извоз на опожарената дрвесина, се забранило градење на местото на изгорените шуми. На таа површина не смеат да се градат ни паркови за соларна енергија, уверува екоактивистот Белев.

„Дополнително, воведовме и ново ограничување за забрана на секакво градење на опожарени територии, што е проблем во Грција. Во Грција се опожарува многу со цел последователно градење. Ние се извлековме од тоа и забранивме да се гради, ако територијата била опожарена во последните 20 години и всушност со тоа прекина и тој вид на опожарување, односно со цел градење“, објаснува Белев.

Нелегалното дрво завршува во индустријата

Дрвнопреработувачките капацитети поради недостаток на персонал прават притисок во Бугарија да се смени законодавството и за сечење на дрвото да се дозволи користење на харвестери, или големи машини наречени и шумски жетвари. Предлогот е 17 проценти од бугарските шуми да се исечат само за пристапни патишта на овие големи машини. Во 2024 година било дозволено за пристапни патишта да се исечат еден промил од шумите.

„Сега се дозволуваат до 17 проценти, односно 170 пати повеќе. Сѐ уште не е усвоен тој правилник. Имавме голема кампања, којашто ја направивме кон државата. Се дискутира. Притисокот е многу голем, затоа што над 50 од нашите компании за сеча на дрво инвестирале во харвестери. Еден харвестер е милион, до милион и половина евра“, објаснува Тома Белев од „Асоцијацијата на парковите во Бугарија“.

дрва индустрија

Еден голем дел од нелегалното дрво и во Бугарија завршувал во индустријата.

„Категорично завршува во индустијата. Кај нас проблемот е што кога се дозволуваат сечите, тие се дозволуваат во кубни метри. А, кога индустријата купува дрвна маса, особено за целулоза, иверки, пелети и така натаму, таа ги купува во тони. И, всушност ова несовпаѓање меѓу кубните метри и тоните дозволува кај дрвопреработувачи, вклучувајќи ги оние кои се сертифицирани, без да се свесни, односно тие ги прават сите проверки, но не можат да утврдат дека има и дел од дрвната маса која доаѓа кај нив што е незаконска. И, тоа несовпаѓање е еден од проблемите што би можел да го реши проблемот со нелегалната сеча, односно да се користи едно количество, една мерка – и при добивањето на дрвната маса и при купувањето“, објаснува Белев.

Македонија добар пазар за пелети, но и можен за суровина

Отидовме во бугарскиот град Самоков, за да го снимиме произвотствениот процес на пелети. Најпрво на дрвата им се отстранува кората. Потоа дрвата се дробат во крупен чипс. Издробеното дрво потоа минува низ процес на сушење, при кој се намалува влажноста на шест до 10 проценти.

„Корите кои ги отстрануваме од дрвесината ги користиме за загревање на топлотниот генератор. Се разбира, не само таа. Вклучуваме и друга дрвесина, но во основа загреваме за да се крене висока температура и да може со жешкиот воздух да се исуши дрвесината, објаснува Евдокија Јочева, управител на производство на пелети во градот Самоков.

Исушениот чипс потоа се мели во прав. Правот потоа се транспортира во преси за пелети, кои под притисок, низ отвори на метален обрач, ги вадат готовите пелети. Фабриката може дневно да искористи 240 метри кубни дрва за произвотство на околу 100 тони пелети. Производството во ден и половина до пред две години завршувало во Македонија и тоа во текот на целата година.

„Во моментот, во последните две години не сме извезувале за македонскиот пазар, бидејќи цените ни се прилично високи за таму“, објаснува Јочева, која натаму ја прашавме колкава количина извезувале кон Македонија? „Ние имавме два големи дистрибутери, кои на неделна основа земаа меѓу 100 и 150 тони“, објаснува Евдокија Јочева.

Евдокија Јочева

Ја прашавме Јочева и дали досега увезувале дрвна маса од Македонија, бидејќи цената на суровината во Бугарија драстично пораснала?

„До моментов не сме внесувале дрвесина од странство. Во интерес на вистината, не сме го ни проучувале пазарот, макар што можеби ќе се наметне, бидејќи како што слушаме во голем дел од Европа и во соседните држави на Бугарија цената на дрвесината е значително помала“, вели Јочева.

Според македонската статистика, земјата увезла од Бугарија 16.755.881 килограм пелети во периодот од минатите пет години. Во Бугарија пелетите за горење се користеле и наместо тоалетен песок за мачки.

„Само што ако отидете да купите пелети за мачки, тие се двојно поскапи од пелетите за горење, а се истите. Само што се пелети за мачки“, објаснува екоактивистот Тома Белев.

Анализа на ДНК во дрвните продукти

На бугарскиот пазар најдовме само едни пелети на кои беше означено од каде потекнува материјалот искористен за нивно прозиводство. Често на пелетите на европскиот пазар не стои ни видот на искористеното дрво, ниту местото од каде тоа потекнува. Селектиравме пелети од Бугарија и дрвен материјал од двете земји за да го однесеме на анализа во Институт за шумска генетика „Тинен“ во Германија.

Материјалот го однесовме во Институтот во близина на Хамбург. Дека нецелосната декларација е проблем ни потврди и Хилке Шредер, раководителка на одделот за еколошка генетика.

„Произведено во Бугарија може да значи дека дрвото е собрано каде било во светот. Декларацијата, ако дојде на европскиот пазар, е погрешна. Не смее да биде таква“, објаснува Шредер.

Хилке Шредер

Институтот проверува продукти од дрво преку анализа на ДНК на користениот материјал. Анализата трае од шест до осум недели. Прво се ситни дрвото, потоа еден ден се деконтаминира со ултравиолетово светло, за потоа во два дена да се извади ДНК-ата од него. Потоа следува споредба со различни маркери за утврдување на видот и регионот од кој дрвото потекнува.

„Постојат видови дрвја кои имаат мали варијации. Ова ни ги отежнува работите. Колку помалку варијации има, толку е потешко да се разликуваат видовите и да се каже од каде доаѓа одреден вид. Кога има многу варијации, имаме повеќе материјал со кој можеме да работиме, повеќе варијации. Тоа е една работа. Другата е колку е вообичаен видот на дрвјата. Ако земеме, на пример, големи соседни дабови шуми, кои се протегаат преку границите, значи што се појавуваат во Романија, Бугарија, Македонија, а можеби и во други земји, тогаш го имаме она што е познато како генски тек, што значи дека тие меѓусебно разменуваат материјал. Многу дрвја се опрашуваат со ветер, така што имаме полен кој лета на многу, многу километри и потоа не ги наоѓаме овие разлики. Значи, оваа разлика на мал простор е релативно тешка. Но, тоа, како што реков, зависи и од на колку мал простор ќе можеме да го решиме ова, а тоа зависи од поединечните видови дрвја“, објаснува Хилке Шредер, раководителка на одделот за еколошка генетика при Институтот за шумска генетика „Тинен“.

Половина од анализираните пелети без соодветна декларација

Институтот има откриено дека во 20 проценти од сите дрвни продукти декларацијата е погрешна. Процентот во однос на пелетите е и поголем.

„Значи, кај пелетите, ако ги гледаме само нив, декларацијата повеќе недостасува отколку, на пример, кај примероците од цврсто дрво. Ова веројатно е едноставно така затоа што во пелетите се преработуваат исто така и остатоци. Таму може да се преработат секакви работи и со тоа е секако можно дека не секогаш сѐ е сосема правилно декларирано. Така, во случаите што ги имавме со пелети, навистина би рекла дека половината не се совпаѓа со она што всушност беше декларирано“, нагласува Шредер и додава: „Значи, би било многу значајно да се знае видот на дрвото, а исто така и обврска е да се наведе видот на дрвото. Тој мора да се декларира доколку нешто фактички се носи на пазарот во ЕУ“.

ДНК на дрво

Недостатокот на персонал и притисокот од количеството на роба прави и во германската Царина да не се контролира доволно.

„Но, секој има претстава за тоа што се случува кај Царината: тоа мора да се направи брзо, таму во прашање се многу пари, бидејќи контејнерите полни со дрва пристигнуваат и мора бргу да се испорачаат. Значи, дефинитивно и таму човек е под временски притисок, дека многу луѓе се под притисок на времето и во Царината. И, да, се разбира дека не сакам да ја обвинам Царината, побогу, бидејќи луѓето што работат таму си ја работат својата работа и тоа добро, но и таму го имаме истиот проблем дека всушност може премалку да се контролира“, нагласува Шредер.

По интервјуто ги добивме и резултатите од направените анализи на пелетите. Во нив било користено дрво, кое често гори во подметнатите пожари:

„Генетските анализи покажуваат дека примерокот од пелети се состои само од дрво од четинарски видови. Резултатите покажаа дека примероците од пелети вклучуваат само дрво од видот бор. Иако не можевме да исклучиме некои азиски видови, како и видот пинус муго, резултатите се компатибилни со мешавина од црн бор и бел бор. Двата вида се присутни во Бугарија и Македонија“.

 

(продолжува)

Извор: Нота

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Станимир Вагленов

Изработката на овој текст, како и на документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, е поддржана од Journalismfund Europe.

Back to top button
Close