Инерцијата е опасна работа, кога кочниците откажуваат послушност

Цел ден по изборите, па и со невообичаената спорост во објавувањето на официјалните податоци од страна на ДИК, вечерните, неделни постизборни трендови на локалните избори главно се потврдуваат. ВМРО-ДПМНЕ оствари значајна предност во првиот изборен круг, со веќе избрани 22 градоначалници – наспроти 9-те победници од кандидатите на СДСМ – со уверлив резултат и на нивната „независна“ кандидатка во Град Скопје, откако веќе победија во повеќето градски скопски општини. Кај албанското гласачко тело првичен впечаток е дека Алијансата на Албанците не ги оствари „поднадуените“ предизборни амбиции, ДУИ во рамките на своите стандардно добри изборни постигнувања (со тројца веќе избрани градоначалници, иако во неколку општини, на чело со Тетово, крајниот резултат е сѐ уште „отворен“), а и БЕСА од постигнатото не мора да биде незадоволна.

Левица барем двојно ги натфрли сите прогнози од предизборните анкети, а шаренилото од независни кандидати кои освоиле места по општинските совети е прерано политички прецизно да се артикулира, но влијанието на непартиските гласови како нов феномен во македонската политика е веќе етаблирана работа.

Главното прашање, се разбира, е околу причините за значителното потфрлање на СДСМ во првиот изборен круг, бидејќи се испостави дека „на Мицкоски – сепак – може да му се верува“… Ребрендирањето на лидерот на опозицијата од конфликтна, во помирителна политичка фигура е со поголема брзина од онаа на забрзувањето на електричните автомобили на Илон Маск.

СДСМ „ја прими“ – и сѐ уште „ја прима“ – пораката од гласачите. Факт е дека Македонија на овие локални избори за првпат гласачки „рефлектира“ на двете полни, исцрпувачки години „општествен“ ковид; и дека, по ланските парламентарни избори, ова е првиот суштински гласачки „осврт“ врз политиката на власта во македонско-бугарските евро-перипетии…

Но, тоа сепак ќе да е помалиот спектар на причини за изборното локално потфрлање. Суштината мора да е во (ре)изборот на градоначалничките кандидати на листите, нивните ефекти од минатото четиригодишно владеење по општините (откако многумина од нив политички „преживеаја“ неколку громогласно промовирани и никогаш спроведени кадровски „метли“ во матичната партија), но и во општиот впечаток на пошироката, непартиска јавност, за она што се ветуваше по падот на Груевски, а не се исполни. Тоа оди на контото и на општинските, но уште повеќе на централната власт на СДСМ.

На пример, „лекцијата“ од Куманово СДСМ не успеа да ја превенира, иако ВМРО-ДПМНЕ си ја „голтна“ суетата во Кавадарци за да ја „посвои“ најубедливата победа во првиот изборен круг – а, во Куманово таква опција му се „насмевнуваше“ и на СДСМ, иако Јанчев не беше помала „главоболка“ за Мицкоски, од Максо за Заев (и соработниците). За „преспивањето“ на одлуката на ЛДП и ДОМ самостојно да настапат на изборите, во СДСМ некој би можел и докторска дисертација да напише на тема „Како да си пукнеме во колено, а да мислиме дека нема да нѐ боли“ – и да добие Нобелова награда за политичко изборно промашување.

Колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close