Инфлација: Храната за еден месец поскапа за 6,3% – Владата вели дека услугите околу овие производи ги поскапува
Инфлацијата никако да се смири. Во првото полугодие од годинава, значи јануари – јуни споредено со истиот период лани таа изнесува 3,8 отсто. Ако се спореди јуни годинава, со истиот месец лани, порастот е 4,5 насто.
Но, освен порастот на вкупната инфлација, посебно загрижувачки е растот на цените на храната и безалкохолните пијалаци, како и на земјоделските производи. За само еден месец, значи ако се спореди јуни со мај оваа година, храната поскапела за 6,3 насто. Земјоделските производи, мерени според цените на мало пак се повисоки за дури 11,1 насто.
Според премиерот Христијан Мицкоски, високите цени се резултат на зголемена базична инфлација. На прв поглед ова е контрадикторно, бидејќи во пресметка на базичната инфлација не влегуваат токму храната и енергијата, но тој појасни дека други фактори кои се околу прехранбените и земјоделски производи, ја дигаат цената.
„Ако ја забележите информацијата да речеме кај земјоделските производи, на истиот Завод за државна статистика од пред недела – две, ќе забележите дека во инпутот зголемени се параметрите за 2 проценти, а во аутпутот за 11 проценти… Земјоделецот го продава својот производ на некој кој што потоа тој производ треба да го однесе кај маркетот, и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш ви е јасно.“, додаде Христијан Мицкоски.
Oва јасно би требало да значи дека откупувачите, дистрибутерите и маркетите влијаат на цените на прехранбените и на земјоделските производи.
Инаку, според Мицкоски, многу скоро ќе бидат преземени мерки за да се намали порастот на базичната инфлација. Не прецизираше какви мерки, но рече дека се разгледуваат сите можни решенија. Исто така, им порача на дел од маркетите, дека знаат за триковите со кои се служат и ги пумпаат цените.
„Апсолутно, ги следиме тие трикови на поедини маркети. Не остануваат незабележени, но не би излегувал сега со било каква констатација како понатаму.“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот вели дека влијание на растот на цените има и поголемата побарувачка од страна на граѓаните, што се должи на повисоките плати и пензии, но не најави заострување на фискалните политики. (Tv21)