Инфлацијата конечно попушта? На годишно ниво 2,7 отсто, трошоците за живот во март пониски од февруари
Трошоците на животот во март 2025 година, во однос на март лани, бележат зголемување од 2,7 отсто, а цените на мало раст од 2,2 отсто, соопшти Државниот завод за статистика. Инфлацијата, пак, мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е помала за 1,3 отсто, покажаа статистичките податоци.

Намалувањето на инфлацијата во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Храна и безалкохолни пијалаци за 3.0 %, Транспорт за 1.8 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.6 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.5 % и Разновидни стоки и услуги за 0.3 %.
Во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Домување, вода, електрика, гас и други горива и Облека и обувки за 0.4 %, Ресторани и хотели за 0.3 %, Комуникации и Здравје за 0.2 % и Рекреација и култура за 0.1 %.
Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Цените на мало во март во однос на февруари годинава се пониски за 0.9 %.
За најновите податоци за инфлацијата се огласи на Фејсбук и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој вели дека инфлацијата во март 2025 година споредено со февруари бележи намалување од 1,3 отсто.
Според него, мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати, а цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат.
„На годишно ниво во март 2025 година споредено со март 2024 година инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата, како што информира ресорното министерство, на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на бруто-профитна маржа на 102 групи на основни прехранбени производи, како и Одлука за утврдување на највисоки цени на 8 групи на основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија на сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
„Со одлуката за ограничување на бруто профитната маржа во трговија на големо и мало мало на 102 групи на производи или над 1.000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени: 5 отсто бруто профитна маржа на основите осум прехранбени производи млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко), 10 отсто бруто профитна маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранби производи (месо и преработки од месо, шеќер,млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини), 15 отсто бруто профитна маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго, стои во соопштението.
Од Министерството за економија и труд потсетуваат дека замрзнати биле цените на осум групи основни прехранбени производи: млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
„Целта на овие мерки е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата“, се вели во соопштението.