Информативно-едукативен центар на Попова Шапка и две соларни еко-зони за одмор во две бачила

Здружението Планинарски клуб „Шара-Ски“ од Тетово денеска го промовираше новоизградениот Информативно-едукативен центар на Попова Шапка во непосредна близина на манастирскиот комплекс, како и двете еко-зони опремени со фотоволтаични панели и простор со маси и клупи за одмор. Овие еко-зони за одмор се наоѓаат на високо-планински терен, по должината на познатата „High Scardus Trail” патека и се сместени во Бачило„ Извори на р.Пена” и Бачило „Грагор –Љуботен“.

– Целта на едукативното катче е да обезбеди информации за сите посетители за историјата, флората и дивиот свет на Шар Планина, информации и едукација за различни активности и можности за спорт на планина, вклучувајќи патеки за пешачење и велосипедизам, скијање, алтернативни форми на туризмот во текот на целата година, безбедносни протоколи, капацитети за сместување и услуги. Исто така, Центарот нуди простор за организирана посета на поголеми групи, основци, средношколци и студенти. Во Центарот, посетителите ќе најдат разновидна печатена, фото и видео документација за Попова Шапка, а на располагање на посетителите е Водич кој ќе може да им ја објасни на посетителите содржината на едукативниот агол. Ќе овозможи подобра промоција на постоечките маркирани велосипедски патеки, потоа на „High Scardus Trail“ патеката, можностите на Шар Планина и понудите од засегнатите страни. Центарот е отворен за сите посетители бесплатно, изјави Никола Балоски, претставник на Здружението.

Александар Кирковски, кој се занимава со планински спортови и планинарење вели дека на овој начин Попова Шапка ќе ги привлече и оние кои досега не дошле на овој планински центар. Сите нови посетители преку Информативно-едукативниот центар ќе имаат можност да ги добијат сите потребни податоци за да поминат квалитетно време таму.

– Ние сме планинска земја и планините се она што нивниот потенцијал треба да го користиме, сега и во иднина. Со вакви центри ќе се смени сликата дека имаме многу малку инфраструктура во планините. Тоа е еден од основните фактори за привлекување на што поголем број на луѓе, запознавање со планински туризам и планински спортови. Попова Шапка и Шар Планина имаат голем потенцијал и сигурно еден ваков едукативен центар ќе ја доближи на посетителите, бидејќи немаме толку долга традиција во планинскиот туризам како што имаат Словенија за пример. Ова се мали чекори во таа насока кои ќе бидат од голема корист, изјави Александар Кирковски, планинар и планински тркач, член на клубот „Македон“ од Скопје.

Едукативниот центар е прилагоден на околината и опкружувањето и е изграден од природни материјали, изолација и сопствен извор на електрична енергија, преку инсталација на фотоволтаични панели. Центарот е опремен со предавална, пулт, дрвени штандови, места за напојување со електрична енергија, простор за одмор на отворено, ТВ, компјутер, проектор.

 

– Целта на проектот е подобрување на атракциско-мотивирачките фактори на Попова Шапка ио регионот, да се создаде дополнителна туристичка понуда на Шар Планина во „отворен простор“, со цел да се зголеми интересот за посета на планините во ситуација на пандемија, да ги ублажи негативните економски последици од кризата Ковид-19 и да придонесе за зголемена еластичност и одржливост на секторот за планински туризам во прекуграничниот регион Шара. Овој проект ќе придонесе за подобрување на туристичката инфраструктура, овозможувајќи подолго користење на дигитални уреди и еколошко снабдување со електрична енергија. Се очекува поинтензивна соработка помеѓу бројни засегнати страни и зголемување на нивните приходи, потенцираат од Здружението.

Еко-зоните во бачилата им овозможуваат на планинарите и посетителите: место за одмор, пристап до електрична енергија за полнење на своите уреди, топли пијалоци, дегустација на традиционална храна (сирење, качамак, ајвар, домашен леб). Исто така, поставени се информативни табли во Ски – центарот „Попова Шапка“ и на локациите со детални информации за посетителите за еко – зоните.

Александар Самарџиев, Тетово

Извор: МИА

Back to top button
Close