Иницијативата „САПОРТ КОЧАНИ“ доби златен сертификат за волонтерство

По повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) од 2006 година востанови Национални волонтерски награди. По јубилеен 20-ти пат, целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.

„Оваа година доделуваме 1 златен сертификат за волонтерство: ЗЛАТЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО ВО 2025 ГОДИНА на волонтерската иницијатива SUPPORT KOCANI (САПОРТ КОЧАНИ

Зошто

Иницијативата Support Kocani, активирана веднаш по трагичниот настан што го погоди Кочани и кој ја потресе целата држава и пошироко, ја водат посветени волонтери. Нивниот несебичен придонес за помош на семејствата на загинатите и повредените во време на болка и тага, ја покажува силата на волонтерството кое во својата суштина има помагање во заедницата, солидарноста и мобилизација на ресурси за самопомош.

Support Kocani е интернет кампања која обединува повеќе организации, физички и правни лица кои имаат извршено донација на трансакциските сметки на повредените и роднини на загинатите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани која се случи на 16 март 2025 година или на било каков друг начин со свој личен придонес помагаат во реализација на давање помош“, се истакнува во соопштението.

– Во време на болка, солидарноста е најголем лек. Никој нема да биде сам. Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме – продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста. Солидарноста и хуманоста се силата што нè движи напред. Речиси 8 месеци, ние како волонтери, не престануваме со нашата мисија, и остануваме да се бориме и да стоиме покрај секој еден од засегнатите, како и од самиот почеток. Нашата главна цел никогаш не беа бројките, туку луѓето. И тоа ќе остане така. Затоа и ќе продолжиме да помагаме на оние што се борат и оние што тивко болат.“ – велат волонтерите од Support Kocani.

Back to top button
Close