Џиновска демагогија

Среќни се народите што имаат здодевна историја (Монтескје)

Нема крај на демагогиите во земјава. Пратеникот (поранешен и актуелен) Антонијо Милошоски, кој лингвистичкиот џин Блаже Конески во 2011 година јавно го нарече „џуџето од Небрегово“ (во време кога беше министер за надворешни работи!), сега е многу загрижен од ставовите во бугарскиот објаснувачки меморандум.

Во една демократија, сосема е природно луѓето да имаат различни ставови за многу прашања и слободно да дебатираат за нив. Не е забрането ни Милошоски да има поинакво мислење за Конески. Но, кога по јазичното прашање ќе се најде на иста линија со бугарскиот меморандум, неприродно, непристојно и конфузно е токму тој да биде опозицискиот фронтмен против пораките на официјална Софија.

Притоа, воопшто не е спорно барањето да се расправа за меморандумот на собраниска комисија, ниту да се бара информација од МНР. Но, ќе беше посоодветно тоа да го побара некој друг, а не некој што самиот вградил тула во тези, кои сега ни се враќаат како бумеранг.

Бугарскиот меморандум, меѓу другото, црпи инспирација и од пластелин-ставовите на „големи Македонци“, кои прво сами си ја сечат гранката на која седат, а потоа се фрапираат кога гранката ќе ги удри по глава. Ако „јазикот е наша татковина“, негирањето на делото на Конески, што е?

Милошоски никогаш јавно не се извини за таа изјава, (ниту партијата во која членува), иако во повеќе наврати тоа беше побарано од него, што укажува на конзистентност во однос на ставот кон Конески. Тогаш, на што е резултат вознемиреноста: на џуџестата меморија или на џиновската демагогија?

Да биде демагогијата уште поголема, ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години објави изборен спот, во кој наратор ја читаше песната „Молитва“ на Конески, а спотот беше илустриран со снимки од протестите на „Шарената револуција“. Груевски, пред да избега во Будимпешта, го преобјавуваше овој спот на својот фејсбук-профил, како еден вид коментар на судските случаи против него.

Кога му гореше под нозе, се соживуваше со творештвото на „џуџето“. А претходно, кога дури и петлите му несеа јајца, кога десет години диктираше што и каде ќе се гради, никогаш не помисли, ниту посака џиновски споменик за лингвистичкиот колос, за разлика од честа што му ја укажа на еден Букефал со воинот над него, на ќосиња и шмизли. Да не зборувам за цехот што беше платен во преговорите со Грција заради неговата инвазивна антикоманија во центарот на Скопје.

Целата колумна на Катерина Блажевска на Призма.

Back to top button
Close