Инспекторат за животна средина: Архивата е оштетена во пожарот, но сите документи ги има во електронска евиденција
Во пожарот што утринава избувна во Инспекторатот за животна средина направена е штета во просторијата каде се чува архивата, но оттаму потврдуваат дека за сите документи имаат и електронска евиденција.
Од Инспекторатот за МИА посочија дека е оштетена просторијата со архива со оглед на тоа што пожарот избувнал во соседната просторија. Оттаму информираат дека е причинета и друга материјална штета, меѓутоа не можат да кажат што конкретно е уништено, бидејќи тоа ќе биде познато откако ќе заврши увидот.
Во тек е истрага на полицијата и надлежните институции, а се сослушуваат и вработените во Инспекторатот, како и останатите кои во моментот на пожарот се затекнале во зградата.
Пожарот во зградата на поранешна Комерцијална банка каде се сместени повеќе државни институции, како и агенцијата МИА, избувна утринава околу 06:50 часот, а беше изгаснат во 08:50 часот. Интервенираа 24 пожарникари со девет возила.