Инспекторите на терен, ќе се контролира дали ќе се зголемуваат гарантираните цени

Пазарните и трудовите инспектори од петок ќе излезат на терен во контрола на цените на прехранбените производи, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Трудовиот и државниот пазарен инспекторат веќе од петок ќе бидат на терен и за секои евентуални зголемувања на цени, кои излегуваат од секоја една нормална пазарна логика, соодветно ќе реагираме и тоа нема да значи дека ако во Собранието нема разумност за носењето на законот за нефер трговски практики дека ние нема да реагираме“рече Битиќи одговарајќи на новинарско прашање како ќе се гарантира дека од задутре кога завршуваат владините мерки за цените на прехранбените производи тие нема да се зголемат драстично.

Контролите, вели Битиќи, ќе бидат откако утре завршува мерката „гарантирана цена“, а доколку се утврди дека има неетичко однесување од трговците, вицепремиерот најави дека ќе следуваат казни.

„Јас сум конзистентен. Секое неетичко однесување на било кој еден трговец ќе се казни на најсериозен начин. Што тоа ќе значи знаеме од минатото. Сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен правење на бизниси и креирање на профит мора да има морал и етика и кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената не е една од мерките која соодветствува со пазарната економија и дека треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува на бизнисмените и тие соодветно да се однесуваат“додаде тој.

Според Битиќи, Комисијата за заштита на конкурентноста, како и Организацијата за заштита на потрошувачи се најповиканите коишто треба да реагираат секогаш кога има вакви случувања, а како што рече, најсоодветно решение е да се изгласа законот за нефер трговски практики.

Тој рече дека доколку има потреба, повторно ќе отиде во Комисијата за заштита на конкурентноста и лично ќе поднесе претставка. Тој потсети и дека пред шест месеци бил во Комисијата и му било најавено дека има процедури за да се поднесе претставка.

„Пред точно шест месеци бев во Комисијата и ми рекоа дека процесот може да трае една година значи остануваат уште шест месеци за Комисијата соодветно да реагира. Стариот состав на Комисијата ја има започнато работата, а веќе има и нов состав. Ако задутре има индиции дека има такво однесување на пазарот од стопанствениците, јас како што направив пред шест месеци ќе направам пак, ќе отидам во Комисијата за заштита на конкурентноста затоа што ако не можат они да направат нешто по допрен глас еве јас ќе дадам претставка за компаниите. Сметам дека конечно е дојдено времето да секоја една институција соодветно да реагира на се што треба да се реагира во нашето општество. Не може да бараме одговорност од тие кои не се повикани“,додаде Битиќи.

Тој повика во Собранието да се усвои законот за нефер трговски практики, кој е веќе поднесен, а за кој вели дека е фантастичен, но не му е јасно зошто уште не го гледа денот кога треба да се изгласа и усвои.

Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека гарантираните цени на производите во маркетите од следниот месец нема да се продолжат, а редот во нелојалната конкуренција вели дека ќе се става со носењето на законот за нефер трговски практики, кој според него ќе доведе и до намалување на цените на прехранбените производи.

Очекувањата на Бектеши се ова законско решение, за кое вели дека е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок.

Согласно владина одлука, која прво важеше до крајот на ноември мината година, а потоа неколкупати беше продолжена, и завршува утре, од септември по намалени цени се продаваат прехранбени производи од вкупно 24 категории. Меѓу другото, по поевтини цени граѓаните можеа да набават леб, млеко, јогурт, сирење, мелено месо, пилешко месо, тестенини, овошје, зеленчук. Со оваа одлука беа опфатени и безалкохолните пијалаци и пивото.

Back to top button
Close