Инспекторите се на терен и ако има енормно зголемување на цените, ќе следуваат поригорозни мерки – вели Дурмиши
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и проверуваат дали кај производителите, дистрибутерите и трговците има зголемување на цените откако заврши мерката за ограничување на бруто-профитната маржа и замрзнувањето на цените, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Во зависност од тоа што ќе утврдат инспекторите, Дурмиши не ја исклучува можноста повторно да бидат воведени мерки, за кои вели дека овојпат ќе бидат поригорозни.
„Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат се на терен за да утврдат дали трговците, дистрибутерите или производителите имаат девијантно однесување, односно дали има зголемување на цените на прехранбените производи. Доколку се утврди зголемување на цените на производите, во тој случај ќе се преземат поригорозни мерки“,
рече Дурмиши на денешната прес-конференција.
Меѓу мерките за кои се размислува доколку има енормно зголемување на цените на прехранбените производи се ограничување на маржата, но, како што рече, може и да се покачи сегашниот процент или на листата да се додадат и други производи.
Прашан што за него значи енормно зголемување и колкав е тој процент, Дурмиши рече дека доколку инспекторите утврдат оти има зголемување на цените на одредени производи од 10, 15 или 20 проценти, секторот во Економија што ги зема овие податоци ќе ги разгледа и тогаш ќе бидат донесени новите мерки.
Тој истакна дека инспекторите на крајот од овој месец ќе направат Извештај, кој ќе го достават до Владата и до Министерството за економија и труд.
Дурмиши најави и дека поради информациите оти на пазарите се прават одредени малверзации, може да предложат измени на одредени членови во законот за да може Државниот пазарен инспекторат да врши контрола и на зелените пазари, и да пишува казни доколку фати трговци што работат „црна економија“ и без фискална сметка.
Тој денеска информира и за последните податоци на Државниот завод за статистика за инфлацијата во април.
Официјалните податоци, рече Дурмиши, покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула во споредба со март, односно дека зголемувањето е 0,6 отсто.
Според него, овие податоци се факти и покажуваат оти економијата во нашата земја е стабилна и граѓаните не се соочуваат со енормно зголемување на цените на прехранбените производи.
Прашан што ќе прават доколку фирмата има осум вработени, а има поголем обрт од пропишаното со закон, Дурмиши со одговор дека ќе направат анализа и ќе видат дали можат да усогласат одредени членови во законот, за да можат тие да работат.