Инспекторот Каракулев со апел за внимателност, како превенција од пожари

Инспекторот за превенција од Одделението за внатрешни работи во Кавадарци, Димитар Каракулев денеска преку својот фејсбук профил упати апел до населението за внимателност со цел превентивно да се влијае против појавата на пожари.

-Лето е, температурите одат и дo 35 – 40 степени. Како институции и поединци, како граѓани, да не ги заборавиме обврските и должноста да ги сочуваме шумите и природата од пожари. Посебно треба да се внимава кога сте на отворен простор, да не се пали оган без потреба, да не се фрлаат отпушоци од цигари. Ако се запали оган или скара, да не се замине од местото додека не се осигурате дека огнот е целосно изгаснат. Доколку забележете каков било оган во природа, веднаш пријавете на 193, напиша Каракулев.

Според него, секој пожар, ако е во почетна фаза, може да се изгасне со мала количина вода.

-Бидете совесни, чувајте ги шумите, тие се белите дробови на природата. Поради состојбата со КОВИД-19, парламентарните избори, изостанаа сите состаноци на релевантните институции во врска со летната сезона и превенцијата од пожари, што не значи дека треба да ги прескокнеме нашите обврски. Дајте го својот придонес со заедничко соопштение, апел и едукација на граѓаните преку медиумите, во вашите организации и компании и со плакати и едукативни флаери во вашите месни заедници, посебно во пресрет на Илинденските празници и продолжениот викенд кога ќе има многу излетници по викендичките во шума или на Тиквешкото езеро, наведе Каракулев.

Back to top button
Close