Институт на Каракачанов со владини пари го „разобличува“ бугарскиот карактер на Македонија

Бугарската влада пет години одвојува буџетски пари за финансирање на „Институт“ на партијата на Красимир Каракачанов чија цел е „разоткривање на карактерот на народноослободителното движење на Бугарите во Македонија“.

Бугарската влада веќе петта година по ред го финансира здружението „Македонски научен институт“ (МНИ) кое, меѓудругото, има за цел да ја „расветлува насилната денационализација на бугарското население во Македонија“. Бугарските медиуми го пренесуваат истражувањето на бугарската редакција на „Слободна Европа“, во кое се наведува дека за таа цел досега од парите на даночните обврзници во Бугарија биле издвоени околу 220 илјади евра.

МНИ е директно поврзано со партијата ВМРО-БНД на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов кој деновиве е најгласниот противник на почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Исплатата од буџетските средства започнала паралелно со поддршката на Каракачанов за владата на Бојко Борисов и ГЕРБ во периодот 2014-2017 година. Институтот е создаден во 1990 година како наследник на Македонскиот научен институт од 1923 година.
Ставката во буџетот преку која бугарското министерство за образование одвојува средства за овој Институт е истата преку која се финансираат и институции како Црвениот крст, сојузите на лицата со инвалидитет, Бугарската православна црква и други.
Истражувањето на Слободна Европа открива дека МНИ воопшто не е акредитиран како научен институт, и покрај името. Неговите цели наведени во образложението се: „расветлување на општественото мислење во земјата и во странство, односно насилната денационализација на бугарското население во Македонија; разобличување на фалсификатите на историското минато и разоткривање на карактерот на народноослободителното движење на Бугарите во Македонија“.

Седиштето на „Институтот“ се наоѓа во зградата на ВМРО-БНД во Софија. Обидот на новинарите да добијат став за тоа како ова здружение ги троши државните пари, како од членовите на Институтот така и од пратениците на ВМРО во бугарскиот парламент, завршил неуспешно. Пратеникот на партијата на Каракачанов, Јулијан Ангелов порачал дека „нема никаков престап во тоа што Македонскиот Институт добива пари“ и дека Слободна Европа има проблем „ако продолжи да им угодува на македонистите и на Скопје“.
Континуитет со „живковизмот“
Историјата на МНИ е тесно поврзана со онаа на ВМРО-БНД и практично се формира како „академска гранка“ на партијата на Каракачанов во 1990 година, со претензија да ги продолжи активностите на Институтот, основан во 20-тите години на 20 век од страна на реномирани бугарски интелектуалци и професори со потекло од Македонија.

Бугарскиот историчар Чавдар Маринов во својата книга „Македонското прашање од 1944 година до денес“, на МНИ му припишува „континуитет со ‘патриотската’ наука од времето на комунизмот на Живков”.
„Во новиот МНИ се наоѓаат историчари кои ја направиле својата кариера во Историскиот институт на Бугарската Комунистичка Партија и кои, од таа причина, имале пристап до архивска документација затворена за други истражувачи“, пишува Маринов.

И самиот Красимир Каракачанов, кој денес е бугарски вицепремиер, е дипломиран историчар од Универзитетот во Софија и поранешен агент на бугарската тајна служба.

Неговата партија, која на почетокот на 1990 го носи името ВМРО-СМД, во својот прв статут како цел го поставува „целосното и неповратно решение на Македонското прашање, реферирајќи се кон Иван Михајлов, последниот водач на историското ВМРО, забележува Маринов.

Извор: Дв

Back to top button
Close