Институт за демократија: Со оценка 5,5 од максимални 10, дискусиите во Собранието сè уште не можат да се наречат дебати

 

Во анализата на Институтот за демократија се наведува дека во 51 процент од анализираните дискусии, учесниците немале аргументи, додека во 42 отсто од дискусиите имале слаба аргументација, односно говорниците понудиле образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент

На скала од 1 до 10, квалитетот на дискусија во Собранието за периодот јануари – јуни 2022 година е оценет со 5,5. И покрај благото подобрување, дискусиите во Собранието, сепак, не ја добиваат минималната потребна оценка за да може да се именуваат како дебати.

Ова, како што е наведено во новото набљудување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, се должи на лошите оценки во однос на речиси сите параметри што придонесуваат во оценката на квалитет на дебата како степенот на аргументација, степенот на почит на говорникот кон другите пратеници и нивните аргументи, отвореноста за прифаќање на туѓите аргументи и менување на сопствените ставови поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата.

Извор: Институт за демократија

„Генерално, квалитетот на дебатата, како и во претходните периоди, е на ниско ниво, со голем простор за подобрување“,се наведува во набљудувањето.

Според Деловникот на Собранието на РСМ, законодавниот дом е задолжен да одржува седница на пратенички прашања секој последен четврток од месецот како клучна алатка за надзор врз работата на Владата, но и за барање одговорност од неа.

Сепак, во првата половина од 2022 година во Собранието се одржани само три седници на пратенички прашања.

Извор: Институт за демократија

Слаб интерес за дискусија меѓу пратениците

Според типот на набљудувани дискусии во Собранието во периодот од јануари до јуни годинава, поголем дел од нив се говори (45 проценти), додека 28 отсто од дискусијата отпаѓа на реплики и 24 проценти на контра-реплики.

„Интеракцијата помеѓу пратениците беше на релативно задоволително ниво, но генерално, поголем дел од времето е посветено на говори. Тоа укажува на генерално мал интерес за дискусија помеѓу пратениците“,се наведува во испитувањето.

 

Извор: Институт за демократија

„Најголем дел од дискусиите во овој период се иницирани од опозицијата, преку нивните говори (78 проценти) за точките на дневен ред, додека поголем дел од репликите ѝ припаѓаат на власта (61 процент). Најголем дел од контра-репликите ѝ припаѓаат на опозицијата (68 насто). На опозицијата ѝ припаѓа и поголем дел од процедуралните забелешки (63 отсто)“,се објаснува.

Низок степен на аргументација

Во анализата на Институтот за демократија се наведува дека во 51 процент од анализираните дискусии, учесниците немале аргументи, додека во 42 отсто од дискусиите имале слаба аргументација, односно говорниците понудиле образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент.

„Нивото на аргументирање е на слично ниво со претходниот период на набљудување јули – декември 2021 година, додека генерално се забележува влошување во споредба со периодот јануари – јуни 2021 година и август – декември 2020 година. Во само 6 отсто од набљудуваните дискусии говорниците користеа еден аргумент за да ја образложат нивната позиција, што е на исто ниво во споредба со претходниот период“,

 

Извор: Институт за демократија

Во однос на тоа како пратениците одговараат на упатени аргументи од страна на други пратеници, набљудувањето забележува дека во само 10 отсто од нивните излагања, пратениците соодветно ги адресирале аргументите, односно пратеникот директно одговорил на аргументи што претходно му ги упатил друг учесник во дискусијата.

„Во 24 проценти од дискусијата пратениците делумно одговараа на упатените аргументи, а делумно ги извртуваа или игнорираа. Во 11 отсто од случаите аргументите не беа игнорирани, но беа извртени, додека во 9 проценти аргументите на другите пратеници беа целосно игнорирани“, се наведува во испитувањето.

Извор: Институт за демократија

„Пратениците повеќе се осврнаа кон личноста на соговорникот од друга политичка опција, отколку кон нивните аргументи, што е во линија со праксата што ја имале пратениците од почеток на мандатот во август 2020 година. Тие во 76 отсто од нивната дискусијата не искажаа никаков однос кон аргументите на другиот, додека кон личноста на другиот не искажаа никаков однос во 65 проценти од дискусијата“,се додава во набљудувањето.

Целиот извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието во периодот од јануари-јуни 2022 година спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цививис“ може да го погледнете ТУКА.

Back to top button
Close