Институтот за педагогија: Барање за враќање на предметот Педагогија во предлог Концепцијата и наставниот план за гимназиско образование
Институтот за педагогија на својата вонредна седница одржана на 21.01.2025 година го разгледа јавниот повик на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, објавен на 16.01.2025 година на веб страницата на МОН и БРО, со кој се информира дека е изработена нацрт Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикува сите заинтересирани страни да дадат свои мислења, предлози и забелешки, односно, да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија на оваа Концепција.
Институтот за педагогија во своето повеќедецениско постоење постојано се труди да даде свој конструктивен придонес во подобрувањето на квалитетот на образованието на сите нивоа, поради тоа би сакале да бидеме вклучени при креирањето на стратешките образовни документи давајќи значаен придонес со своето наставно и научно искуство за изнаоѓање на најдобри решенија за модернизација на воспитно-образовниот процес во сите воспитно – образовни потсистеми. Во духот на таквите определби со задоволство ги поздравуваме сите иницијативи и напори за подобрување на квалитетот на средното гимназиско образование, реформите и неговата клучна улога која ја има во развојот на личните и професионалните способности на младите.
Раководени од професионалната чесност и обврска сметаме дека најновата иницијатива за укинување на предметот Педагогија со предлог Концепцијата за гимназиското образование нема да придонесе за подобрување на квалитетот на средното образование, кој сите го посакуваме, и да ги даде очекуваните резултати. Во прилог на ваквиот став го наведуваме следново:
ü Во актуелниот постоечки Наставен план за гимназиското образование, наставниот предмет Педагогија е застапен како изборен предмет во јазично-уметничкото подрачје (Комбинација А и Б на изборни предмети) во III година со 2 часа неделно, 72 часа годишно, како и во Општествено – хуманистичкото подрачје (Комбинација Б на изборни предмети) во III година со 2 часа неделно, 72 часа годишно.
ü Согласно презентираните податоци во предлог Концепцијата од спроведеното истражување од страна на Бирото за развој на образованието, со цел согледување на мислењата, ставовите и преференците на учениците и наставниците за реформите во гимназиското образование, нема соодветни аргументи за укинување на изборни предмети. Напротив, резултатите од истражувањето укакажуваат на тоа, дека наставниците сметаат дека е потребно зголемување на бројот на изборните на сметка на
задолжителните предмети. Истражувањето не нуди никакви експлицитни податоци и аргументи кои директно укажуваат на потребата за укинување на предметот Педагогија.
ü Укинувањето на предметот Педагогија во средното гимназиско образование значително ќе ги осиромаши учениците со стекнување на знаења базирани на факти, идеи, концепти, теории и практики од областа на воспитанието и образованието кои се значајни за современото општествено живеење и доживотно учење.
ü Самиот предмет со тематските целини кои ги нуди како што се: Општеството и воспитанието, Педагогијата и основните педагошки поими, Фактори во развитокот на личноста, Воспитаник-Воспитувач, Семејно воспитание, Училишен систем, Современи принципи на воспитанието, Педагогија на слободно време, овозможува учениците да се стекнат со базични знаења за педагогијата, воспитанието и образованието, да ги развиваат интелектуалните капацитети за анализа и синтеза, да развиваат интерперсонални вештини, да дискутираат за практични воспитни проблеми, да го почитуваат диверзитетот, инклузивноста и мултикултурноста, како и да развиваат способности за генерирање на нови идеи (креативност).
ü Наставните содржини по предметот Педагогија придонесуваат кон формирање, прифаќање и практикување на вредностите во текот на гимназиското образование, тие ја обезбедуваат основата за етичко размислување и дејствување, тие се главен мотиватор за користење на стекнатите знаења и вештини на начин што е во согласност со личните и општествени морални норми и правила. Врската меѓу знаењата, вештините, вредностите и ставовите е комплексна и взаемно условена, а Педагогијата со своите наставни содржини тоа го овозможува.
ü Со поголема застапеност на изборни предмети во наставниот план за гимназиско образование ќе се овозможи поголема индивидуализација на наставата, при што секој ученик ќе има можност да го оформува својот образовен профил. Изучувањето на изборни предмети е насочено кон постигнување на резултати кои ги прошируваат знаењата во избраните научни области и им помагаат на учениците за запишување на факултет од областа на нивниот интерес. Така беше досега и со изборниот предмет Педагогија кој директно е поврзан со запишувањето на гимназијалците на Наставничките и Педагошките факултети во нашата држава.
ü Концепцијата за гимназиско образование треба да ги прифати предизвиците, систематски и сеопфатно да ги спроведе реформите, а не да укинува наставни предмети (како што е случајот со Педагогија) кои со години наназад имале заначен придонес во развојот на личните и професионални вештини и способности. Укинувањето на наставниот предмет Педагогија се коси со модернизацијата на наставните програми со законски загарантираното право за стекнување знаења и развој на интелектуалните способности преку предмети од различни области, како што е и областа на општествените и хуманистичките науки.
ü Во сите досегашни Концепции и Наставни планови за средно гимназиско образование, од далечното минато до денес, педагогот како стручен профил бил вклучен во процесот на реализација на наставата по предметот Педагогија. Како професор по педагогија, педагогот со сите свои стекнати основни и специфични компетенции за време на своето иницијално образование, посветено, професионално и одговорно работел со секој ученик, почитувајќи ги највисоките вредности што промовираат инклузивност, почитување на човековите права и активно прифаќање на различностите, за што сведочат бројни пофалници, признанија и награди кои ги имаат добиено значаен број од нив. Тие се клучна алка во воспитно-образовниот процес на гимназијата, но и пошироко.
Врз основа на горенаведеното се надеваме дека ова наше барање ќе биде разгледано и прифатено и нема да се дозволи предметот Педагогија без никаква педагошка, теориска и практична аргументираност да биде укинат. Овој наставен предмет треба да продолжи да го дава својот придонес во академскиот развој на учениците, како значаен наставен предмет, кој преку своите содржини ќе овозможи учениците да се стекнат со широк спектар на знаења, вештини и способности, да развијат интереси и компетенции и да се подготват за општествен живот, работа и доживотно учење. Со оглед на неговата важност сметаме дека уште поголем придонес би дал доколку се изучува како задолжителен наставен предмет.
Се надеваме дека нашето мислење ќе се сфати само во конструктивна смисла и ќе даде придонес за подобрување на квалитетот на новата Концепција за гимназиско образование.