Институтот за судска медицина се огради од неофицијалните информации за обдукцијата на Вања

„Категорично тврдиме дека овој медиум не добил никаква изјава, ниту информација во усна или писмена форма од Институтот. Само изјава дадена од одговорното лице на Институтот, која е во вид на аудио или видеоснимка или во писмена форма, може да се смета за релевантна и точна и тогаш медиумите може да цитираат дека изворот на информацијата е од Институтот“,велат од Судска медицина.

Оттаму нагласуваат дека како судски медицинари, кои се активно вклучени во истрагата за овој предмет, се обврзани да ги почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка кои пред сè се однесуваат на тајност на предистражната, но и на истражната постапка. Додаваат дека со јавноста ќе бидат споделени информации од преземените дејствија на Институтот во оној дел во кој тоа го дозволува Законот.

„Ги потсетуваме новинарите дека според Кодексот на новинари тие се должни и мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а сите извештаи за судски постапки мора да им бидат ослободени од сензационализам. Воедно, новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските“,додаваат од Институтот.

Обдукцијата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски заврши на 5 декември, а минатата недела, на 22 декември до Основното јавно обвинителство беа доставени обдукциските наоди од страна на Институтот за судска медицина. Сепак, и покрај интересот на јавноста и многубројните прашања од медиумите, од Обвинителство посочија дека освен информацијата дека се пристигнати, резултатите од обдукциските наоди јавно нема да се објавуваат.

Back to top button
Close