Интелектуалецот и политиката
Љупчо Поповски
„Целта на политиката не се состои во исполнување на краткорочни желби. Политичарот треба да се стреми да ги освои луѓето за своите идеи, дури и кога се непопуларни“ – Вацлав Хавел.

Дали можете истовремено да бидете и интелектуалец и практичен политичар? Јасно е дека тоа се две различни улоги, кои треба да фрлаат различно светло во една здрава демократија. Што би требало да биде улогата на интелектуалецот? Паметните интелектуални умови би требало на политиката да ѝ постават добро осветлено, критичко, вистинито огледало на моќните. Во тоа огледало политичарите би требало да се видат себеси без илузиите што ги храни додворувањето кое кружи околу моќта. Но дали моќните политичари сакаат да погледнат во тоа огледало?
Во најдобар случај тие ќе погледнат во огледалото, но дали можат да се сообразат со она што им го покажува тоа огледало. Таа работа најчесто изгледа невозможна. Поради неколку едноставни причини. Првата е што практичниот политичар не може да користи зборови на ист начин како што може независниот интелектуалец. Тој мора да биде повнимателен и попретпазлив. Ако е партиски политичар кој се се бори за моќ тогаш неговата вистинска работа не е да „живее во вистината“ (Вацлав Хавел), туку да работи во полувистина. Таа полувистина му дава можност да зборува за дел од таа вистина, а втората половина е да ја прилагодува на неговите политички цели. Таа втора половина може да биде во целосна спротивност со првата половина.
Низ огледалото на алтернативниот универзум
Има една фраза во англискиот јазик „through the looking glass” (Низ огледалото) позајмена од истоимениот роман на Луис Керол како секвел на „Алиса во земјата на чудата“. Кога се гледате во огледало, гледате огледална слика – обратна слика. Луис Керол во своите романи пишува за алтернативен универзум, каде што работите се спротивни на реалниот свет, значи „каде што работите не се онакви какви што треба да бидат“.
Така е, на одреден начин, кога интелектуалецот ќе влезе во светот на моќта на политиката. Наеднаш работите во тој политички свет изгледаат спротивни на светот којшто го живее интелктуалецот и се бори за него. Исто така, наеднаш за него се проектира слика за политичар како нереален херој.
Оваа тема за интелектуалецот и политиката може да изгледа многу претенциозна за почетокот на една нова година. Но, веројатно, нема лош тајминг за поставување вистински прашања.
На тие прашања во овој текст ќе ги понудиме одговорите за еден најславните интелектуалци кој влезе во самиот врв на европската и светската политика – Вацлав Хавел. И ќе претставиме дел од неговиот есеј „Интелектуалецот и политиката“. Тој беше напишан кога Хавел беше на функцијата претседател на Чешката Република. Значи, во врвот на политичката моќ, тој пишува му што се случи како врвен интелектуалец наместо да се наметне во политиката, таа (политиката) му беше наметната нему.
Јавниот живот на Хавел, кој почина во декември 2011 на 75 години, може да се подели на три различни периоди: уметник (1956-1969), дисидент (1969-1989) и политичар (1989-2003). Како ветувачки драматург во 1960-те тој беше многу „политички настроен“, фокусирајќи се на апсурдноста на режимот. Тој беше и еден од најгласните критичари на цензурата и другите кршења на човековите права, што го направи дисидент дури и за време на либералната „Прашка пролет“ од 1968 година.
Хавел беше ставен на црната листа и отворено прогонуван по инвазијата на Чехословачка предводена од Советскиот Сојуз во август истата година, но продолжи да пишува антитоталитаристички драми. Во 1977 година, тој и повеќе од 200 други дисиденти го основаа движењето за човекови права „Повелба 77“, кое брзо се етаблираше како водечка опозициска сила. Хавел беше еден од првите тројца портпароли на движењето.
Следната година, тој го напиша славниот есеј „Моќта на немоќните“, во кој го опиша режимот на „нормализација“ на Чехословачка по 1968 година како морално банкротиран систем базиран на сеприсутно лажење. Во 1979 година, Хавел беше осуден на петгодишна затворска казна за неговите активности во Комитетот за одбрана на неправедно гонетите, огранок на „Повелбата 77“ што ги следеше злоупотребите на човековите права и прогонот во Чехословачка. Тој беше ослободен кон крајот на неговата казна откако доби пневмонија (извор на сериозни здравствени проблеми до крајот на неговиот живот).
За време на неговите претседателски мандати, прво како шеф на државата Чехословачка, а потоа и како прв претседател на Чешката Република (1993-2003) Хавел продолжи да ги комбинира своите политички, дисидентски и уметнички сензибилитети. Тој инсистираше на пишување на своите говори, сметајќи многу од нив за филозофски и литературни дела, во кои не само што ја критикуваше дехуманизираната технологија на модерната политика, туку и постојано апелираше до Чесите да не паѓаат како жртви на конзумеризмот и безумната партиска политика.
Писателот Јиржи Пехе (кој едно време беше и шеф на кабинетот на претседателот Хавел) по неговата смрт напиша дека во последните години од неговото претседателствување, политичките противници на Хавел го исмејуваа како наивен моралист. Од друга страна, многу обични Чеси почнаа да го мразат не само поради она што изгледаше како неуморно морализирање, туку и затоа што им го одразуваше сопствениот недостаток на храброст за време на комунистичкиот режим. Тој уживаше огроман почит и восхит во странство, но неговата популарност дома беше разнишана.
Сепак, и по неговите претседателски години и смртта неговиот морален стожер сјае со истата светлина. Славната албанска писателка Леа Ипи, пишувајќи што може да се случи во 2026, рече дека би сакала да зборува за „надеж – онаа што Вацлав Хавел ја опиша како надеж без оптимизам: морална должност, одржлива дури и кога исходите изгледаат мрачни“.
Како изгледаше тоа „наивно морализирање“ на Вацлав Хавел? Во 1998 година додека беше претседател на Чешка, тој го понуди следниов осврт за придобивките и опасностите од неговиот пат во кариерата во есејот „Интелектуалецот и политиката“.
Политичарот не сака да биде гласник на непопуларни вистини
„Дали интелектуалецот – врз основа на неговите напори да навлезе под површината на нештата, да ги сфати односите, причините и последиците, да ги препознае подинечните точки како дел од поголеми ентитети и на тој начин да стекне подлабока свест и одговорност за светот – припаѓа во политиката?
Кажано на тој начин, се создава впечаток оти сметам дека е должност на секој интелектуалец да се занимава со политика. Но, тоа е бесмислица. Политиката, исто така, вклучува голем број посебни барања кои се релевантни само за неа. Некои луѓе ги исполнуваат овие барања; други не, без оглед на тоа дали се интелектуалци.
Длабоко убеден сум дека на светот му се потребни – денес повеќе од кога било – просветлени, промислени политичари кои се доволно храбри и со широк ум за да размислат за работи што лежат надвор од опсегот на нивното непосредно влијание и во просторот и во времето. Ни требаат политичари кои се подготвени и способни да се издигнат над сопствените интереси за моќ или посебните интереси на нивните партии или држави и да дејствуваат во согласност со фундаменталните интереси на човештвото денес – односно да се однесуваат онака како што треба да се однесуваат сите, иако повеќето можеби нема да успеат во тоа.
Никогаш порано политиката не била толку зависна од моментот, од минливите расположенија на јавноста или медиумите. Никогаш порано политичарите не биле толку поттикнати да го следат краткотрајното и кратковидното. Често ми се чини дека животот на многу политичари се одвива од вечерните вести на телевизија една вечер, до анкетата на јавното мислење следната утро, па до нивниот лик на телевизија следната вечер. Не сум сигурен дали сегашната ера на масовните медиуми го поттикнува појавувањето и растот на политичари од калибарот, да речеме, на Винстон Черчил; се сомневам во тоа, иако секогаш може да има исклучоци.
Колку помалку нашето време ги фаворизира политичарите кои се занимаваат со долгорочно размислување, толку повеќе се потребни такви политичари, и затоа повеќе интелектуалци – барем оние што ја исполнуваат мојата дефиниција – треба да бидат добредојдени во политиката. Таквата поддршка би можела да дојде, меѓу другите, од оние кои – од која било причина – никогаш не влегуваат во политиката, но кои се согласуваат со таквите политичари или барем го делат етосот што лежи во основата на нивните постапки.
Слушам приговори: политичарите мора да бидат избрани; луѓето гласаат за оние што размислуваат на начинот на кој тие размислуваат. Ако некој сака да напредува во политиката, тој мора да обрне внимание на општата состојба на човечкиот ум; тој мора да го почитува гледиштето на таканаречениот ‘обичен’ гласач. Политичарот мора, сакале или не, да биде огледало. Тој не се осмелува да биде гласник на непопуларни вистини, чие признавање, иако можеби е во интерес на човештвото, не се смета од поголемиот дел од електоратот како да е дел од непосреден интерес, или дури може да се смета за антагонистички на тие интереси.
Убеден сум дека целта на политиката не се состои во исполнување на краткорочни желби. Политичарот треба да се стреми да ги освои луѓето за своите идеи, дури и кога се непопуларни. Политиката мора да подразбира убедување на гласачите дека политичарот препознава или разбира некои работи подобро од нив и дека токму поради оваа причина треба да гласаат за него. Луѓето можат на тој начин да му делегираат на политичар одредени прашања кои – од различни причини – самите не ги чувствуваат или не сакаат да се грижат за нив, но за кои некој мора да се справи во нивно име.
Добрата кауза и моменталните интереси
Вистинската уметност на политиката е уметноста на добивање поддршка од луѓето за добра кауза, дури и кога потрагата по таа кауза може да ги попречува нивните моментални интереси. Ова треба да се случи без да се попречи ниту еден од многуте начини на кои можеме да провериме дали целта е добра кауза, со што ќе се осигураме дека граѓаните кои веруваат нема да бидат наведени да послужат лага и да страдаат од катастрофа како последица на тоа, во илузорна потрага по иден просперитет.
Мора да се каже дека постојат интелектуалци кои поседуваат многу посебна способност за извршување на ова зло. Тие го воздигнуваат својот интелект над сите други, а себеси над сите човечки суштества. Тие им кажуваат на своите сограѓани дека ако не ја разбираат брилијантноста на интелектуалниот проект што им се нуди, тоа е затоа што имаат тап ум и сè уште не се искачиле на височините на кои живеат поддржувачите на проектот. По сè што поминавме во дваесеттиот век, не е многу тешко да се препознае колку опасен може да биде овој интелектуален – или, поточно, квази-интелектуален – став. Да се потсетиме колку многу интелектуалци помогнаа да се создадат различните современи диктатури!
Добриот политичар треба да може да објаснува без да се обидува да заведува; тој треба понизно да ја бара вистината за овој свет без да тврди дека е негов професионален сопственик; и треба да ги предупреди луѓето за добрите квалитети во себе, вклучително и чувството за вредностите и интересите што ги надминуваат личните, без да се преправа дека е супериорен и да им наметнува нешто на своите сограѓани. Тој не треба да се предава на диктатот на јавното расположение или на масовните медиуми, а никогаш да не го попречува постојаното испитување на своите постапки.
Во сферата на таквата политика, интелектуалците треба да го направат своето присуство почувствувано на еден од два можни начини. Тие би можеле – без да го сметаат за срамно или понижувачки – да прифатат политичка функција и да ја користат таа позиција за да го прават она што го сметаат за исправно, а не само за да ја задржат власта. Или би можеле да бидат оние што им креваат огледало на оние на власт, осигурувајќи се дека вторите служат на добра кауза и дека не почнуваат да користат убави зборови како маска за зли дела, како што им се случуваше на толку многу интелектуалци во политиката во минатите векови” (ДВ)






