Интересот е вечен

Човекот, човештвото и нивниот цивилизациски развој, илјадници години наназад интересот го промовираат како врвна потреба за опстојување и битисување.

Всушност, токму таа сурова реалност за приоритетот на интересот е грдата слика за човекот кој треба да се стреми во својот еволутивен развој да го достигне врвот на хуманоста. Соживотот со секој поединец, со секој различен од себе на сета земјината топка, треба да биде императив.

Сите воени конфликти во сиот цивилизациски свет биле водени исклучиво од интерес. Сите девијантни појави во општествата каде функционира обичниот човек се создаваат токму од интересот. Претседателот Черчил светот го памети по многу негови изјави, но најцитираната чинам дека е „Не е вечна љубовта туку интересот”. Длабоко во себе верувам и го негувам поривот за хуманост пред интерес. Сакам да истраам во вербата, да верувам во љубовта пред сѐ. Сакам меѓу луѓето да завладее љубов искажана во сите можни облици, на еден длабоко хуман начин.

Најсветото, највозвишеното чувство, љубовта, во нашето секојдневие е загрозено од грозниот интерес.

Неспорно е дека интересот кај поединецот, колективот и систем мора да постои за да се опстои, во цивилизацискиот и општествен развој. Но, не можам да го разберам оној гол, суров интерескако врвен приоритет на денешницата, во време кога човештвото во основа има обезбеден систем за одржлив живот и егзистенција! Денес интересот е најупотребуваниот збор, кој доминира со нашето секојдневие.

Нема поединец на земјината топка кој не ги почувствувал последиците од нечии интереси со штетни последици. Денес, претседателот на САД Доналд Трамп интересот го истакнува како најсилен аргумент во владеењето во неговата држава , иако светот се наоѓа на работ на нов воен конфликт со непредвидливи можни последици.

Таму каде го гледа интересот на САД, господинот претседател Трамп се поставува и како татко и како мајка. Каде што нема никаков интерес, веднаш поприма лик на маќеа.

Двојните аршини на светската политика којашто денес ја води САД е исклучиво зависна од интересот.

Интерес на најсилните држави во светот се пренесуваат во сите сфери на нашето секојдневие, како кај најсилните држави, така и кај државите кои што едвај функционираат. Од однесувањето на првите луѓе во светот кои ја водат севкупната светска заедница, зависиме сите. Рефлексијата на нивното однесување се пренесува во сите сфери на нашето живеење, буквално како во огледало.

Нема поединец кој не го осетил камшикот на интересот.

Во општествениот развој на човекот, религијата е една од првите институции. Вербата во религијата е со една цел, да го смири животинскиот инстинкт кај човекот за преживување и да створи вистинска социјална димензија на меѓусебна почит, каде што хуманоста, чесноста и љубовта треба да ја имаат главната улога.

Нема вистинска религија која промовира убиства, грабежи, измами и војни. Невозможно е човек верник да не биде богобојазлив, да се осмелува да уништува туѓо! Или возможно е?

Очигледно е дека интересот на поединци и во религиозните рамки успева да ги пресврти начелата на кои почива секоја религија.

Денес имаме религии кои промовираат војни и насилство. Бидете убедени дека тоа не го промовира базичната религија, туку го промовираат поединци кои имаат интереси од крвопролевања.

Како поединец , жител на нашата Македонија, исто така ја плаќам цената на нечиј интерес. Секоја вистинска држава создава правен систем во кој треба да се елиминираат ваквите девијантни општествени интереси и да се гарантира безбедност и слобода на секој поединец –жител на државата.

За жал, тоа веќе не функционира и тешко дека ќе се вратиме на колосекот за градење на здрава држава.

Кога најсилните светски империи како САД, Кина и Русија, на брутален начин го промовираат интересот како нивна врвна цел, јасно е дека светот влегува во фаза на потенцијално себеуништување.

Секако дека интересот мора да постои и калкулира, не можеме да го избришеме од нашето секојдневие и како збор и како цел. Битно е да биде вклопен во системот да не наштетува на другиот, колективниот интерес да биде пред личниот. Само така се зајакнува љубовта меѓу луѓето.

За ваква победа на човештвото потребни се вистински лидери од светски, суштински маштап. За жал мораме да ги бараме само меѓу најсилните држави во светот, од кои зависи иднината на човештвото.

Дали во тоа ќе се успее е прашање на кое треба да одговорат умните луѓе кои ќе го преиспитаат денешниот светски поредок и ќе дадат солуции за нивни избори. Изборот е солуција, но не секогаш и добро решение.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close