Интересот на Британија се центрите за бегалци?

Денко Малески

 

Зачудениот економист, на наша телевизија,бараше информација за каматните стапки на кредитот од 6 милијарди кој треба да го добиеме од од Велика Британија. Подеднакво зачуден заради ненандејната дарежливост на странска држава, како истражувач на меѓународната политика, јас го барам интересот на Велика Британија. Ја отворам интернет страницата на британската влада со слика на Даунинг стрит 10 и читам што рекол британскиот премиер за договорот за стратешко партнерство :„Партнерството го подвлекува растечкото пријателство меѓу двете земји и ја сигнализира намерата да се работи заеднички на споделени предизвици, вклучувајќи го и економскиот раст, трговијата,одбраната и безбедноста…“. „Споделени предизвици“? Нашите „предизвици“ се јасни – ни треба економска помош, ни треба капитал, ни фалат пари. Кои се британските предизвици и кој е нивниот интерес кон Балканот и конкретно Македонија?

По углед  на Доналд Трамп, и во Велика Британија е во поготовка акција на „чистење“ од нелегални емигранти. Првобитната идеја, на овој долгорочен проект, била Руанда да стане прифатен центар за бегалци, но дека таквата операција е проценета за прескапа. Оттаму погледот кон Западниот Балкан: Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Северна Македонија. Инаку, ова неби бил прв таков аранжман со држави од нашиот регион. Преседанот е веќе направен со зделката меѓу Албанија и Италија и помеѓу Данска и Косово, држави кои исто како и Британија, сакаат „да се ослободат“ од нелегалните емигранти. Прифатниот центар во Албанија, иако изграден,никогаш не проработи заради пресуда на италијански суд кој ја оспорува одлуката на својата влада од аспект на човековите права. Трансакцијата меѓу Данска и Косово, со надомест од по 15 милиони долари годишно,читам, е во тек но се јавуваат и проблеми што со луѓето после издржување на казната затвор.

Вчера„Политико“ јави:„Премиерите на Велика Британија и на Северна Македонија се сретнаа… во Тирана, во рамките на Самитот на Европскаѕта политичка заедница. Премиерот на Велика Британија рече од Тирана дека неговата земја отпочнала преговори со влади на други земји за воспоставување „повратни центри“ за мигранти чии барања за азил биле отфрлени од Британија. Според „Тајмс“ и „Телеграф“, британската намера да создадат имиграциони центри е главно фокусирана врз Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

Британија е меѓу трите најголеми трговски партнери на Македонија со размена од 2.8 милијарди долари и планираната финансиска инјекција е повеќе од добродојдена. Но, мораме внимателно да ги процениме сите , а не само економските последици од овој договор. Британскиот амбасадор се обиде да не смири вчера. Прашан од новинари дали Северна Македонија ќе мора да прифати емигранти, тој изјави дека „Договорот не е за тоа“. Вели:„Тоа е една сосема друга приказна“. Има и друга приказна? Оваа што ја раскажав? И таа нема никаква врска со шесте милијарди? Мислата ми оди кон една дефиниција од Западната научна мисла, на надворешните политики на големите сили. Наречена е „the tree Fs“(„трите Ф“). Гласи вака: Русија: F, Force (Сила); Америка: F, Favor (Услугa); Британија: F, Fraud (Измама). И да сме свесни, сето ова го има во меѓународната политика.

Back to top button
Close