Интересот на Македонија покажува кон Америка, а правото кон Венецуела


Денко Малески
Дека и џуџето и џинот се еднакви пред меѓународното право, е идеја на Емерик де Вател, истакнат правник од осумнаесттиот век. „Џуџето е исто толку човек како и џинот; мала Република не е помалку суверена Држава од најмоќното Кралство“.Така стои во неговата книга „Законот на народите“ објавена во 1758. А како е во стварноста? Во стварноста, рекол Тукидид, пред скоро три илијади години,„силните го прават она што можат а слабите она што мораат“.Правото, значи,не ги брише разликите во моќ кој реално постојат меѓу државите туку е идеал за поправеден свет кон кој тежнее човештвото. А, ако водите држава, не е лошо со двете нозе да сте црсто на позициите на реализмот, посегајќи по идеалот положен на небо.

Малите држави кои се во постојан дефицит на „моќ“, економска, воена или било каква друга, немаат друг избор освен да се повикуваат на меѓународното право. И тоа е во ред се додека нејзините политичари не веруваат дека правото го движи светот. И македонската држава, изминативе 35 години упорно се повикувала на правото. Некогаш добивала а некогаш губела пред реалностите на меѓународната политика. Она што ме плаши кај денешната владеачка екипа е вербата во меѓународното право дури и во светлината на такви примери каква што е војната во Украина. Но, се чини, американската интервенција во Венецуела може да го промени нивниот пристап кон меѓународната политика. Да ги натера да разберат дека ако сте „верник“ во правото, ваша задача е како на другите да им докажете дека сте во право според словото на меѓународното право. Ако, пак, ја разбирате реалноста на политиката, тогаш барате решенија за проблемите кои ги има вашата држава преку дипломатија разбрана како преговори и компромиси.

Интересен беше одговорот на премиерот на Македонија Мицковски на прашањето кој е ставот на владата за американската интервенција во Венецуела, чин на флагрантно кршење на меѓународното право. Рече дека Македонија почувствувала врз свој грб што значи кршење на меѓународното право, за да заклучи, обратно од очекувањата, дека стои зад својот стратешки партнер во уште едно кршење на меѓународното право, врз грбот на Венецуела. Значи, нашиот премиер ја избра силата пред правото, не застана во одбрана на принципите туку на реалностите на меѓународната политика. Дури и без оглед на горкото искуство на сопствената држава, немаше трошка солидарност со маката на другата држава. Зошто? Затоа што интересот на македонската држава не покажува кон Венецуела туку кон Америка. Исто онака како што интересот на членките на ЕУ и на Америка покажуваше кон партнерот Грција а не кон малиот аспирант Македонија. Следејќи го тој интерес, неговиот одговорот беше дека Македонија стои зад постапките на „нашиот стратешки партнер“ да и прави на Венецуела она што други ни го правеле нам.

Останува уште да се слушне одговорот на истото прашање од претседателката на државата, чиј став, според досегашното поведение, би требало да биде одбрана на меѓународното право и осуда на американската интервенција во работите на суверена држава. Сугерирам „креативен“ одговор како оној на словенечкиот министер за надворешни работи, прашан за ставот на неговата држава околу американската инвазија на Ирак, своевремено. Тогаш, тој одговори дека Словенија е премалечка за да има став за така голема тема. Да, ама тој знаел дека џуџето и џинот се еднакви само само во меѓународното право, но не и во реалноста. Во реалноста, денес, имаме претседател на „стратешки партнер“ кој се фали дека сите од Европа доаѓаат да му го „бацат газот“(дословен превод од kiss my ass).За да се изведе тоа, потребно е виткање кичма.

 

 

Back to top button
Close