Интерпретациите на историјата не се говор на омраза, вели министерката за култура на забелешката дека ќе стане цензор

Министерката за култура на денешната собраниска седница ги замоли пратениците да не прават слободни интерпретации на документите, бидејќи Македонија, како што рече таа, не преземала никаква обврска да цензурира уметнички дела на барање на Бугарија.

Таа и одговори на пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Велика Стојкова Серафимовска која праша дали некој филм, книга или друго уметничко дело кое би ги раскажало случувањата од Втората светска војна би бил забранети, врз основа на забелешка за говор на омраза упатена од Бугарија.

„Дали ова ќе има реперкусии врз градењето, негувањето и промоцијата на македонската национална култура? Дали со овие таканаречени мерки од Протоколот сте се согласиле на цензура во творењето. Дали сега македонските уметници ќе творат во илегала, како на почетокот на 20 век, а сите дела создадени во изминативе 80 години кои се однесуваат на таканаречените „спорни историски периоди“ ќе бидат ставени во бункер и заборавени?“ праша Стојкова Серафимовска.

Во својот одговор, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска нагласи дека во документите нема ништо спорно, ниту е набележано нешто што веќе не постои во односите со Бугарија.

„Вие си правите слободни толкувања на договорот. Историските интерпретации не се и не претставуваат говор на омраза. Историјата е таа што е. Ама нејзините интерпретации не се така како што вие ги толкувате, како говор на омраза. Ве молам, вие сте професор, немојте да извртувајте. Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија не е договор за цензура, како што вие слободно го толкувате. Не е тоа. Соработката со Бугарија одамна постои. Ништо ново. Топла вода ние не измисливме. На пример, дека министерството за култура ќе цензурира, дека ќе става граница и никој нема да твори доколку не се почитуваат некој одредби кои што вие така слободно ги интерпретирате. Дали вие воопшто го видовте договорот кој што го потпишавме со министерот за култура од Бугарија. Знаете таму што стои? Дека ќе разменуваме артисти. Наши ќе гостуваат таму, дека на Охридско лето или на Илинденски денови ќе имаме групи од Бугарија. Тоа не е ништо ново. Тоа не е од 2022. Тоа трае откога постои Охридско лето. И Браќа Манаки. И Струшки вечери на поезијата. А, ние продолжуваме да го финансираме македонскиот Културно информативен центар во Софија да преведува дела од македонски на бугарски и обратно.

Back to top button
Close