(ИНТЕРВЈУ) Меџити: ДУИ направи влада со СДСМ со вмровски кадри, за да го одржи спојот со Груевски и Мијалков!

Пратеникот Изет Меџити, поранешен висок функционер на ДУИ кој по несогласувањата со партискиот врв формираше нова партија – Демократко движење, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека платил цена поради тоа што се залагал за раскинување на коалицијата со Груевски и за приближување кон Заев. Тој посочува дека ДУИ направила влада со СДСМ со вмровски кадри, за да го одржи спојот со двоецот Груевски-Мијалков, што, според него, денес е сосема јасно.

ФОКУС: По сѐ изгледа, чадорот на владејачката коалиција во најава ќе биде интеграцијата кон ЕУ. Стравувате ли дека може да паднете во замката дека ако власта се „продаде“ како фронт за Европа, тогаш тие што остануваат надвор се против Европа?

МЕЏИТИ: Една од причините зошто почна мојата битка е да се прекине владеењето со Никола Груевски во 2016 година. Затоа и платив цена, зашто се борев внатре во партиските тела со една мала група да се прекине со Груевски и да се почне со Зоран Заев, што после донесе до влез во НАТО. Така што и внатре во ДУИ бев дел од струјата што беше прозападна. Освен мене, Невзат Бејта, Теута Арифи, Висар Ганиу, сите други беа за продолжување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

 

ФОКУС: И Ахмети ли беше за таа опција?

МЕЏИТИ: Владата што се направи потоа со СДСМ, со исклучок на Хазби Лика, сите беа вмровски настроени. Тогаш не ми беше јасно, но денес јасно ми е дека тоа било за да се одржи спојот со Груевски и Сашо Мијалков, да продолжат бизнисите, да им помогнат да избегаат од тука или ако се затворат да бидат онаму каде ќе имаат комоција. И ако ова беше нејасно досега, со последните изјави на Бујар Османи и владини претставници дека треба да се помириме со него, дека добро би било да се врати човекот зашто имал многу информации, иако тоа што со години седел надвор човекот, јасно е за спојот на ДУИ со Груевски.

И да потсетам дека пред 2 години да не беше Кастриот Реџепи и јас Македонија ќе имаше влада со Левица и тие ќе беа клучот на новата влада.

 

ФОКУС: Кога веќе го споменавте Реџепи, Села ве обвини дека сте го киднапирале. Точно ли е?

МЕЏИТИ: Се случило ли некогаш киднапираниот да остане со киднаперот? Немало такво нешто. Кастриот даде еден придонес Македонија да остане во евроатланскиот курс. Затоа, јасно е кој е европски, а кој не е европски фронт. Не може да биде европски фронт некој што злоупотребува европско знаме за казино-бизнис. Европски фронт им е параван за да крадат што можат.

ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ отворено вели дека ве посакува за постизборен партнер. Што мислите вие за ВМРО и можноста за влада со ВМРО?

МЕЏИТИ: ДУИ продолжува со Груевски. Што претставува Груевски веќе знаеме, што претставува новото ВМРО, ќе видиме. Ние не се замараме со тоа, како ќе одлучат граѓаните Македонци ние не може да влијаеме. Но, можеме да кажеме дека првата точка на која ќе седнеме да разговараме ќе биде европската интеграција, уставните промени, па потоа за другите теми.

Повеќе

Back to top button
Close