Интервју на СП со Филипче: Опозицијата ја ризикува шансата ЕУ да ни даде половина од парите за нов клинички

Отворени сме за секаква дискусија, јавна дебата, јавно да одговориме на сите прашања што опозицијата ги има и ги поставува како проблематични во однос на изведувањето на проектот. Не бегаме од ниедно прашање. Сакаме да седнеме на заедничка маса и заеднички да ги надминеме разликите. Ако денеска почне да се гради новиот Клинички центар, тогаш за четири години првиот пациент ќе може да добие здравствена услуга во новата установа, организирана на поинаков начин, вели во интервју за Слободен печат, министерот за здравство Венко Филипче.
Новиот концепт подразбира болничките кревети повеќе да не се делат по одделенија и да не припаѓаат ексклузивно само на едно одделение, туку пациентите да се групираат по сродност на различни специјалности. Тврди дека половина од парите за финансирање на новиот Клинички центар ќе бидат од грант, неповратни средства од Европската Унија.
Како ќе се финансира овој капитален проект и до каде е обезбедувањето на парите? – Еден од новитетите, што не постоеше како опција кога ја почнувавме постапката во 2019 година, е можноста Европската Унија да даде грант во износ од 50 проценти за целокупната инвестиција за Клинички центар. Ако Клиничкиот центар чини 420 милиони евра, половина од него, односно близу 200 милиони евра ќе бидат грант од ЕУ, зашто за првпат ЕУ почнува да ги смета како приоритет сите проекти во здравствениот систем. Ковид кризата помогна во тоа. Никогаш немаше проекти за здравство порано, а сега постепено се отворија како опции. Официјално беше известен премиерот Зоран Заев дека постои таква можност – капитален проект од здравството биде покриен со грант од ЕУ. Останатите пари ќе ги земеме на кредит. Понатаму има опција да продадеме дел од земјиштето од стариот клинички центар и да ги вратиме кредитите. Нема подобра инвестиција од таа во здравството, односно во инвестирање во здрава младина и во знаењето на нашите лекари. Така се грижиме за здравјето на граѓаните и се грижиме да останат лекарите во земјава. Па, ако не инвестираме во здравството, тогаш во што треба да инвестираме? Ова е капитален проект од важност каква што во историјата на нашата држава немало.

Back to top button
Close