Интервју со Бужаровска: Грчки студенти застанаа во наша одбрана
Атмосферата беше прекрасна, се зборуваше, се читаше на македонски и на грчки јазик додека надвор не чуваа грчки студенти, вели писателката Румена Бужаровска во интервју за Слободна Европа. Настанот на Универзитет во Солун бил под ризик да не се одржи поради заплашувања од ултра десничарски групи.
Гаџовска Спасовска: Бужаровска, вашите книги се преведени на 15 јазици, а делот од расказите се оживени и на театарската сцена. Може ли да се живее од творештво во земјава?
Па, во земјава не, затоа што сепак тоа се во странство објавени тие книги и ми требаше многу голем пат да изодам за да, ете, можам на некаков начин да добивам, да речеме, хонорари од моите изданија на книгите во странство.
Тоа е една така несигурна работа, бидејќи не знаете дали ќе се продаваат книгите и кога извесна издавачка куќа ќе посака да ви ги објави книги.
Малкумина би рекла, дека во поранешна Југославија живеат исклучиво од своето пишување. Со оглед на моите изданија, мислам дека во овој момент би можала веројатно сама да се издржувам само од пишувањето, меѓутоа не во оваа земја.
Во оваа земја тоа е невозможно бидејќи едноставно, не е толку голем пазарот, не можете да се издржите од македонскиот пазар. Еден наш тираж е 500 примероци, а еден тираж многу тешко се распродава во текот на годината за една книга.
Се случува, секако дека имаме автори кои што повеќе тиражи продаваат во една година, меѓутоа повторно тоа не би можело да се исполни без поддршка на државата, како што на пример се случува во Германија, каде што многу автори можат да живеат исклучиво од тоа што пишуваат, а не се еве толку преведувани како што сум јас или други мои колеги. Зависи значи од која држава доаѓате како автор.
Гаџовска Спасовска: Се чувствувате ли како панкер во културата каде што се твори како да се е за без пари во тешки битки со ветерници?
Искрено да ви кажам, јас не се чувствам баш така. Прво, затоа што немав идеја дека ќе живеам од писателство и никогаш немав некои огромни амбиции да станам писателка.
Пред се сакав да бидам едукаторка, како што и сега сум. Работам како професорка. Мислам, тоа е, од тоа заработувам, да речем, имам плата од тоа. И се занимавам и со преведување, и од тоа, исто така, многу долги години се издржував.
Така што, немав нека идеја дека можам толку многу време и внимание да посветам на писателството и немав идеја дека треба да се борам со нешто, туку тоа го правев цело време како да ми е екстра.
Сега ми одзема многу голем дел од времето, бидејќи сите тие преводи, гостувања и слично се работа исто така. Сега сум малку растргната и уморна, меѓутоа не би сакала да се жалам.
Не се чувствувам баш дека нешто тука сум да речеме панкер. Но, надвор, кога сте во Западна Европа, би можело да кажеме дека сите ние кои што сме од бившите југословенски простори или од помали земји, тоест сите кои што не сме класично западноевропејци, Англичани или Американци, го имаме тој статус.
Навистина, сите треба да работиме уште неколку работи за да можеме да бидеме писатели.
Гаџовска Спасовска: Вашиот прв роман Тони за кратко време го привлече вниманието на читателите, верувам поради чувството што го предизвикува главниот лик кај нив, неодговорен, егоцентрик, арогантен, самобендисан. Какво беше чувството да се оди во чевлите на Тони, додека го сликавте неговиот лик?
Се разбира, писателот мора да се соживее со тоа што го пишува, без разлика дали му се случило и се случило или не. И тоа предизвикува, се разбира голема нелагода и преживување на одредени трауми, лични, туѓи или општествени.
Но, ете, Тони е многу непријатен лик, во најмала рака би рекла, непријатен, и го има предизвикот да направам роман кој што е и покрај тоа што ликот е толку непријатен, да биде книгата интересна за читање и да не ги изнервира читателите да речат, колку е гаден овој, не сакам да ја читам веќе оваа книга.
Ама и мене ми беше тоа, всушност предизвик, затоа што сфатив дека треба никако да го разиграм Тони, и покрај тоа што е таков егоцентрик, себичен, штетен за себе и за околината. Морав да го направам комичен, така што малку и се забавував, и на таков начин себе си покажав дека пишувањето не треба да биде мачно, дека треба да биде и забавно.
Гаџовска Спасовска: Мачо општествениот менталитет е интересно отсликан во главниот лик, скопски фраер, бивш рокер, вработен во администрација. Но, ако ги погледнеме женските ликови, како на пример Тамара или Евгенија, дали е тоа слика за стереотипот за македонската жена ?
Не би рекла дека е стереотип баш за македонска жена, затоа што ова се некои облици на патријахатот кои постојат секаде.
Така би рекла дека ликовите и на Тамара, и на Евгенија, и другите женски ликови, се некакви ликови кои што ги среќаваме во нашето секојдневие, меѓутоа се исто така и облици на патриjархатот.
Значи, мајката која што го разгалува синот, и која што му помага да стане таков каков што е, со тоа што се разбира дека, не се разбира, туку има мал пресврт со тој лик кај мене во романот, или еден тој класичен однос, тоа се луѓе овозможувачи веројатно, кои им овозможуваат на таквите егоцентрици, себични, разгалени да се однесуваат така како што се однесуваат веројатно, бидејќи и тие биле во детството така третирани многу често од некој член од нивното семејство, па имаат помала самодоверба, па поради тоа точно таквите емпатични луѓе со мала самодоверба, многу лесно се приклонуваат кон овие неемпатични со голема самодоверба и така и тие врски се гледаат во романот. (Радио Слободна Европа)