Интервју со Илија Стојановски: Очекувавме порано да се отворат базените, студиите потврдуваат дека Ковид 19 не може да опстои во хлорирана вода, преносот е невозможен

Интерву со Илија Стојановски, поранешен пливач и потретседател на Националната пливачка федерација одговорен за Далечинско пливање.

Со почеток на кризата, пливањето како спорт беше најмногу оштетено. Во Македонија базените први се затворија

Илија Стојановски: Да, ние пред точно 3 месеци престанавме со работа односно последниот тренинг на базен ни беше на 10.03.2020 со што бевме првата држава која забрани тренинзи на базен. Во тој период кога во цела Европа имаше многу поголем број на заразени скоро сите држави им овозможија на своите пливачи да продолжат да пливаат.

Со олабавување на мерките, се отворија угостителските објекти, спортските обложувалници и шопинг центрите, дали очекувате наредни да бидат и базените?

Илија Стојановски: Ние како спортски работници и како Национална пливачка федерација очекувавме многу порано да се отворат базените зашто досега излегоа многу студии кои потврдуваат дека вирусот Ковид 19 не може да опстои во хлорирана вода и неговиот пренос е многу мал односно невозможен во таква средина.Посебно се издвојува студијата која Италијанскиот Олимписки Комитет КОНИ и Министертството за спорт на Италија ја спроведоа за тоа кои спортови се најбезбедни, каде што дојдоа до заклучок дека пливањето и ватерполото се меѓу најбезбедните.

Сите држави во регионот веже ги отворија базените и спортските центри, некои веќе и дозволуваат публика. Дали вие имате комуникација со тамошните федерации за тоа како тие функционираат?

Илија Стојановски: Да,ние сме во постојана комуникација со нашите колеги и пријатели од Бугарија, Србија, Словенија кои веќе тренираат во целосен капацитет, односно пливачки школи, натпреварувачи и мастерс пливање. Ние како Федерација сме во постојан контакт со одговорните институции и веќе имаме изготвено протоколи и списоци на пливачи за тоа како ќе работиме на почеток но сепак сите задолжителни препораки како што се носењето на маска, држење на препорачана дистанца и лична хигиена мора да се почитуваат..Така што можам да кажам дека сме целосно спремни.

Дали спортот ќе се врати во нормала, оваа година се откажаа и Летните олимписки игри Токио 2020?

Илија Стојановски: Нормално дека се ќе си дојде на свое место, досега имало и многу пострашни работи па после светот се враќаше во нормала. Ова е едноставно рестарт кој верувам дека беше и тоа како потребен, зашто сега научивме да цениме некои работи кои претходно сме ги игнорирале. Што се однесува до Олимписките игри, покрј нив се одложија и многу други пливачки натпревари така што сега пливачите ќе имаат период кој ќе го искористат за подготовки без претходно да бидат оптоварени со резултат на големи натпреварувања.

Back to top button
Close