Интервју со Митко Јанчев: На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребен брз ремонт!

Еден од најуспешните градоначалници, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше и сѐ уште се вбројува во најнадежните кадри за иднината на партијата, Митко Јанчев, беше меѓу првите што побараа реформи и одговорност за изборните резултати од раководството на чело со Христијан Мицкоски.

Пред да ги анализираме состојбите во партијата и во државата, како го коментирате изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ?

– Резултатот од овие избори само покажува дека треба сериозно да се работи во иднина. Ова се четврти последователни избори на коишто ВМРО-ДПМНЕ има слаб резултат. Тоа покажува дека е време да се направат промени во раководството и во партијата. Треба да се движиме напред, со свежи идеи и широки видици.

На што се должи слабиот резултат и слабата излезност, која ги зачуди многумина во потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и поширокиот аудиториум?

– Целата ситуација, не само кај нас, туку и во целиот свет, влијае на сите. Можеби тоа е причината за слабата излезност. Веќе сме изморени од неизвесноста и рестрикциите со кои живееме подолг период. Слабиот одзив е резултат на оние политики што подолг период се промовираат од нашето раководство. Како што реков, што побргу имаме потреба од нови правци, кои ќе опфатат широко поле. Идеите и политиките треба да ги извадиме од затворениот круг, кој нѐ ограничува, треба раководството да изгради нов пат по кој ќе се движи, сѐ со цел да повлече со себе приврзаници што имаат да понудат нешто ново, со нови размислувања.

Пред изборите во јавноста честопати се лицитираше со оставките на лидерите на двете партии на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ доколку еден од нив не извојува победа. Гледаме дека од тоа нема ништо. Вие бевте еден од првите кој побара оставка од претседателот Христијан Мицкоски. Дали во него гледате вина за изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ и дали очекувате тој да си замине од претседателската функција?

– Секоја раководна функција ги сноси последиците од слабиот резултат. Тоа е секогаш така, не само во политиката. Доблест е да можеш да погледнеш назад, да ги издвоиш грешките, да ги забележиш на лист хартија, а потоа истите тие грешки да ти станат секојдневен потсетник за тоа како не треба. Но, понекогаш сме убедени во тоа дека нашите грешки всушност не се грешки, дека сме целосно во право. Но, секогаш е виновен првиот човек. За жал, и во овој случај е исто. Јас повикав на брз ремонт во партијата, затоа што тоа е мојата матична партија и чувствувам одамна дека треба нешто да се промени.

За кусо време во јавноста се појавија и други ваши истакнати сопартијци, кои не се веќе во редовите на партијата, а кои ви се придружија на барањето оставка од Мицкоски. Од друга страна, поголем број членови му даваат поддршка да остане на чело на партијата и да продолжи да се бори да формира парламентарно мнозинство за состав на влада. Што мислите, како се случи оваа поделеност и како ќе се развива понатаму?

– Јас на оваа ситуација не гледам како на поделеност. Тоа се само различни размислувања и ставови, кои е многу нормално да ги има. Всушност, и така треба да биде, така е правилно. Различните ставови можат да доведат до здрава дискусија, од која на крајот треба да бидеме умешни за да го извлечеме најдоброто. Се надевам дека работите ќе тргнат во тој правец.

Целото интервју на Слободен печат.

Back to top button
Close