Интервју со Шкријељ: Се соочуваме со силен налет на антидемократски десничарски движења кои како по правило прво нешто по што посегнуваат се женските права

Факт е дека бевме сведоци на сексистички и шовинистички напади врз жените, вклучително и трите кандидатки за претседателка и пред да почне изборната кампања. Повторно, социјалните мрежи се најголем расадник на мизогинија и навреди, вели во интервју за „Локално“, пратеничката во Собранието и поранешната дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Упатува апел до граѓаните, да инсистираат на јасни ставови и решенија од политичарите и да донесат информирана одлука за иднината на нашата земја. Според неа, изјави и ставови од типот „ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт“ недвосмислено укажуваат на неискреност кон граѓаните и немање решенија.

За правата на жените во Македонија, Шкријељ истакнува дека се уште сме далеку од целосна реализација на еднаквоста.

-Важно е да се донесе нов закон за родова еднаквост која ќе ги зајакне институционалните механизми за остварување на еднаквоста во сите области на општественото живеење. 50/50 мора да биде принцип секаде каде станува збор за позиции со одлучувачка моќ, притоа никако не смееме да ги заборавиме жените со попреченост, жените од руралните средини, жените од помалку бројните заедници, ЛБГТИ лицата, односно сите оние кои се соочуваат со повеќекратни форми на дискриминација, наведува пратеничката.

За бројот на случаи на родово базирано насилство, Шкријељ информира дека искуствата покажуваат дека еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што пак е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви.

-Успеавме да се избориме за ново законско решение во 2019 година, кое целосно го почитува принципот “мое тело, моја одлука”, направивме значајни исчекори во превенцијата и заштитата од дискриминација по сите основи, но повторно се соочуваме со силен налет на антиродови движења кои се реална закана за нашите веќе стекнати прави, објаснува пратеничката за правата на жените во државата.

повеќе

Back to top button
Close