Интервју со Такер Карлсон: Проверка на „бесмислиците“ за историјата на Владимир Путин

Интервјуто на американскиот телевизиски водител Такер Карлсон со рускиот претседател Владимир Путин започна со получасовна расплината лекција по историјата на Русија и Украина. Карлсон, кој често изгледаше збунет, слушаше додека Путин нашироко го објаснуваше потеклото на руската државност од 9-тиот век, Украина како вештачка креација и соработката на Полска со Хитлер.
Тоа е познат терен за Путин, кој во 2021 година напиша есеј од 5.000 зборови со наслов „За историското единство на Русите и Украинците“, кој го предвиде интелектуалното оправдување на Кремљ за инвазијата на Украина помалку од една година подоцна.

Историчарите велат дека голем број од тврдењата на Путин се „бесмислици“ кои не претставуваат ништо повеќе од селективна злоупотреба на историјата за да се оправда тековната војна со Украина.

Наративот за државноста

Путин го започна интервјуто тврдејќи дека 862 година била „основана руската држава“. Тоа е годината кога Рјурик, скандинавски принц, бил повикан да владее со градот Новгород, престолница на народот Рус – кој со текот на времето ќе се развие во денешна Русија. Путин го споредува она што тој тврди дека е непрекината традиција на руска државност која датира од 9 век со современиот „изум“ Украина – земја за која тврди дека е „создадена“ дури во 20 век.

Но, Сергеј Радченко, историчар од Школата за напредни меѓународни студии Џон Хопкинс, вели дека тврдењето на претседателот е „апсолутна невистина“.

-Владимир Путин се обидува да конструира наратив наназад, тврдејќи дека Русија како држава го започнала својот развој во 9 век. Може подеднакво да се каже дека Украина како држава го започна својот развој во 9 век, користејќи идентични докази и документи. Тој се обидува да искористи одредени историски факти за да изгради наратив околу државноста што би ја фаворизирала Русија наспроти секоја алтернативна агломерација – вели Радченко.

Роналд Суни, професор од Универзитетот во Мичиген, вели дека народот Рус бил „куп бандити, кои повторно и повторно ја спалувале сопствената престолнина“. Тој додава дека Путин повторува „веќе разработена митологија која во различни периоди во минатото ја измислувале московските цареви кои корените на сопствената лоза сакале да ги поврзуваат со со Рјурик“.
„Оваа митологија е основана во Москва за да го оправда нејзиното царско владеење над Украина.

Посебна етничка група
Путин му кажа на Такер Карлсон дека во 17 век, кога Полска почнала да владее со делови од денешна Украина, се раширила идејата дека жителите на тие области „не се вистински Руси. Бидејќи живееле на периферијата, тие биле Украинци“.
-Оригинално зборот украински значеше човек која живее на границите на земјата, покрај нејзините маргини – кажа Путин.
Но, Анита Празмовска, професорка емеритус на Лондонската школа за економија, вели дека иако националната свест кај Украинците се разбудила подоцна отколку кај другите централноевропски народи, Украинците постоеле во тој период.
„Владимир Путин го користи концептот од 20 век за држава заснован на заштита на дефинирана нација, како нешто вкоренето во минатото. Тоа едноставно не е така“.
Суни вели дека иако можеби е точно дека Русите, Украинците и Белорусите „имаат исто потекло…тие еволуирале во различни народи со текот на времето“.

Новорусија

Путин тврди дека делови од јужна и источна Украина „немаат историски врски со Украина“. Според Путин овие територии и припаѓаат на Русија бидејќи биле одземени од Отоманската империја во 17 век од руската царица Екатерина Велика. Путин подоцна тие територии ги нарекува Новорусија користејќи го терминот од 17 век .

Сани истакнува дека жителите на овие територии во времето кога биле освоени од Русија не биле ниту Руси ниту Украинци, туку Османлии, Татари или Козаци – словенски селани кои побегнале на граница.

Но, тврдењето дека овие територии во реалноста со право и припаѓаат на Русија им служи на интересите на Путин, бидејќи токму овие територии Русија се обидува да ги освои од Украина за време на сега веќе деценискиот конфликт со својот сосед.

Таканаречената Новорусија го вклучува и Крим – незаконски анектиран од Украина во 2014 година. Новорусија вклучува и делови околу Херсон, Мариупол и Бахмут, кои Путин ги прогласи за дел од Русија во 2022 година.

Вештачка креација

Путин тврдеше и дека „Украина е вештачка креација е создадена по налог на Сталин“, тврдејќи дека Украина е создадена од советското раководство во 1920-тите и дека и е дадена територија на која нема историско право.

На некој начин е во право, вели професорката Радченко.

Советските лидери ги нацртаа границите на советските републики „на ист начин како што западните колонијални сили ги цртаа границите во Африка – по случаен избор“.

„Но, тоа не значи дека Украинците не постоеле.

Радченко ги негира тврдењата на Путин дека Украина не е вистинска земја бидејќи е формирана во актуелната модерна форма во 20 век.

„Секоја земја е лажна земја, во смисла дека земјите се создадени како резултат на историски процеси„ Русија беше создадена како резултат на одлуките донесени од руските императори, како што е колонизацијата на Сибир, што имаше значителна цена за локалното население.Ако Украина е лажна земја, тогаш е и Русија – вели тој.

Соработка со Хитлер

Најексплозивната изјава на Путин се однесува на Полска. Путин тврдеше дека Полска – која беше окупирана од нацистичка Германија и Советскиот Сојуз во 1939 година всушност „соработувала со Хитлер“.Рускиот претседател му рече на новинарот дека со тоа што одбила на Хитлер да му ја отстапи областа на Полска наречена Коридор Данциг, Полска „претерала и отишла предалеку, што го навела Хитлер да ја започне Втората светска војна со напад на Полска “.

За професорката Празмовска, толкувањето на историјата на претседателот Путин е погрешно читање на историските записи. Таа вели дека иако е точно дека имало дипломатски контакти меѓу Полска и нацистите – првиот договор што Хитлер го потпишал кога дошол на власт бил меѓусебен пакт за ненапаѓање со Полска во 1934 година .

„Глупост е обвинението дека Полјаците биле соработници. Тие работи не можете да ги толкувате како соработка со нацистичка Германија, бидејќи сосема случајно во исто време и Советскиот Сојуз потпишува договори со Германија – вели Празмовска.

Во септември 1939 година, нацистичка Германија и Советскиот Сојуз ја нападнаа Полска според условите на пактот Рибентроп-Молотов потпишан меѓу двете земји претходно истата година.

извор: BBC
превод: Лени Фрчкоска / Борјан Јовановски

Back to top button
Close