Интервју со жена жртва на насилство: Потребно е многу храброст и силна поддршка за да се напушти насилникот

Жртвите на семејно насилство најчесто чувствуваат страв, ниска самодоверба, немоќ и безизлесност. За нив светот не е безбеден, нема кому да се обратат оти немаат ресурси и притоа се без поддршка и разбирање од околината. Психолошката помош пред сè им овозможува да се видат себеси способни, со поддршка и помош од страна да го прекинат кругот на насилството.

Додека живеете во една таква средина каде што секојдневно имате психичко, па ете и физичко насилство, знаете што имате од другата страна. Јас се спремав, децата ги спремав и на некој начин можам да кажам дека и него го припремав и сакав децата на најбезболен начин да ги извадам од таа средина. Тоа е во суштина почеток, само еден почеток на еден крај што треба да следи, вели восведоштво за Градска.мк  жена, жртва на семејно насилство .

Оваа жена е една од илјадниците во Северна Македонија кои трпела родово – базирано насилство. Официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи велат дека во 2022 година се регистрирани 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство што е 6% повеќе во споредба со 2021 година. Најчести кривични дела се „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. Алармантен е и податокот дека минатата година насилството во домот завршило со седум убиства и два обиди за убиство. Најчесто сторител е сопругот (474 случаи), потоа следуваат синовите (171 случај) и вонбрачните партнери (119 случаи).

– Како е да се живее со години во насилна средина?

Тешко да се живее под психички и физички терор и насилство. Повеќе кај мене беше психичко насилство, во повеќето случаи. Тешко е заради тоа што не е само жената, тука се и децата и децата сето треба тоа да го слушаат. Така да да, тешко е. Повеќе пати сум сакала тоа да го пријавам, меѓутоа никогаш не сум имала храброст, што од страв, што поради туѓи лоши искуства.

Која е причината поради која жените не пријавуваат или тешко пријавуваат семејно насилство?

-Една од големите причини е заради тоа што кај нас нема институции кои што првично би дале поддршка на жртвата на семејно насилство. Како друга причина би ја навела и економската ситуација на жртвата на семејно насилство. Тоа дали е вработена или невработена. Или доколку е вработена, што би било кога би станала самохран родител, како би функционирала и така натака. И стравот како фактор. Стравот и срамот се исто така голем дел од причините за не пријавување.

Средината не ги прифаќа жените жртви на семејно насилство

– Во еден момент сепак одлучи да заминеш од таа средина. Што беше пресудно?

Пресуден момент… Имало многу моменти кога сум сакала да излезам и да си заминам, меѓутоа ете претходно како што кажав, економската зависност, срамот и стравот не го дозволувале тоа. Меѓутоа се е тоа до одредени граници, до каде што сум можела да се носам со тоа. Конкретно во мојот случај, како што кажав претходно, повеќе пати сум дошла до ситуација и сум кажала дека веќе нема да можам да издржам, дека е крај, меѓутоа кога сте со деца, ете во мојот пример и со две дечиња, се е комплицирано. Јас пред да заминав се подготвував. Како психички самата себе, така и финансиски, заради тоа што бев невработена. Кај мене беше психичко насилство и беше секојдневно психичко насилство и не беше на пример – сега е се супер, па преку ноќ нешто се случува па јас се пакувам, си одам. Туку секојдневно имаше нешто,  секојдневно се случуваше  тој психички терор. И одлуката не ја донесов во афект, не ја донесов преку ноќ, таа одлука си ја донесов полека. Си кажав – во ред ќе се разведам. Морам. Меѓутоа, пред да го направам тоа треба да се спремам јас првин. Да бидам психички стабилна и силна затоа што и децата треба да ги подигнам, за да децата го поднесат тоа и да не ја почуствуваат нели целата таа ситуација. Така да јас пред да се разведам, можеби две години се спремав психички за да го направам тоа, затоа што кога живеете со насилник, треба малку и повеќе да размислувате бидејќи тој е цело време во афект, зборува и дејствува и сега кога и јас би дејствувала во афект, можеби би настанало нешто поголемо. Потоа ги спремав и дечињата, постарата ќерќичка со психолози, со разговори. Јас разговарав со нејзе. Така да веќе кога видов дека и децата се веќе спремни да го поднесат тоа, дека не можат веќе и тие да го слушаат тоа викање дома, тоа психичко насилство. Во меѓувреме се спремав и финанскиски бидејќи не бев вработена. Додека бев во таа средина не можев да барам ни работа, бидејќи немав поддршка, ако се вработам нели кој би ги земал децата од училиште, како второ и немав поддршка ни да се вработам воопшто. Се спремав и финансиски.

 Кога ќе ја донесете одлуката да заминете, почнуваат многу други проблеми. Како се справивте со тој дел?

-Да, додека живеете во една таква средина каде што секојдневно имате психичко, па ете и физичко насилство, знаете што имате од другата страна. Јас се спремав, децата ги спремав и на некој начин можам да кажам дека и него го припремав и сакав децата на најбезболен начин да ги извадам од таа средина. Тоа е во суштина почеток, само еден почеток на еден крај што треба да следи. Излегување од таа нездрава средина. Е сега зависи нели од самата личност, од другата страна што ја имате, колку после тоа ќе биде исто така стресен периодот. После тој страв од напуштањето на таа средина се соочувате со уште еден друг страв, а тоа е како ќе реагираат твоите блиски, како ќе реагираат твоите пријатели. Средината, како средина кај нас мислам дека најмалку ги прифаќа овие жени кои што се наоѓаат во една таква ситуација на семејно насилство. Јас не добив никаква поддршка од пријателите и од роднините. Дури имав некое чувство како да ме избегнуваа, заради тоа што не знам, ете можеби сметаа дека ќе барам некаква помош од нив. Така да кај нас средината не нуди никаква поддршка. Голем пробле е како да обезбедите а децата нели кога веќе носите таква одлука, како треба да им обезбедите дом и храна. Тоа е уште поголем предизвик. Кај нас знаеме колку и работодавците ги прифаќаат овие жени кои што штом ќе појдат на еден разговор, прво се прашани дали имаат деца и тоа е проблем. А како втор проблем е кога ќе кажете дека сте самохран родител или дека во моментот вие се разведувате. Тука веќе најдувате на една голема пречка, зашто веќе знаете дека нема да бидете повикани нели на работа, затоа што ве гледаат како проблем.

Мирот нема цена

– Сепак во тој период успеавте да се снајдете и да застанете на нозе?

Во тие моменти, случајно наидов на организацијата “Паблик”. За мене тое беше од животно значење затоа што некако за прв пат се почувствував дека некој се грижи, дека некој пробува да ви обезбеди како прво работа, а тоа е многу битно во тие моменти. Важно е да имате стабилна работа, стабилни финансиски примања. Во тој момент јас се соочував со проблем со работата, бидејќи е многу тешко како прво да најдете работа, како второ е уште потешко да најдете работа која би била само во една смена, во конкретниот случај, само прва смена, бидејќи децата одат прва смена, втора смена нема кој да ги чува. А како трето, исто така е многу тешко доколку детето се разболи, па да побараш ден слободен или боледување да земеш. Во тие моменти јас се соочив, бев под кирија и се соочив да останам без работа, бидејќи таму кај што работев, работодавците немаа разбирање за тоа што имав потреба од слободен ден, од тоа да излезам од работа понекогаш. Во тој момент наидов на организацијата “Паблик” и за мене тоа беше навистина од животно значење. За прв пат почувствував како некој во државата ми пружа заштита и грб. Тоа прави да се чувствувате малку посигурни, не толку исплашени и во тие моменти за мене тоа беше од животно значење. Преку оваа организација јас ја најдов мојата работа, каде и ден денес сум вработена и ми е еден сигурен финансиски извор и стабилност. Од тогаш наваму можам да кажам дека животот ми е сменет многу на подобро. Преку организацијата “Паблик” исто така има и обуки. Во тој момент ми беа потребни нели дополнителни финансиски средства. Па одлучив да посетувам обука за маникир, која што ќе ми овозможи да можам и кога децата се дома, да работам затоа што ти се потребни дополнителни парични средства. Она што од што од секогаш ми беше желба е да се запишам на факултет. Исто така, покрај тоа што “Паблик” ми овозможија нели да се запишам на курс за маникир, ми го платија и првиот семестар од годината и понатму јас продолжив самата да си се финансирам од средствата кои што си ги заработувам со мојата дополнителна работа.

– Каде си денес споредбено со времето кога живееше во заедница каде беше психички злоставувана?

– Па денес се гледам навистина многу далеку од онаа исплашена жена. Од онаа жена која што се плашеше да зачекори сама и се плашеше како ќе изгледа животот. Сега се гледам како една можам да кажам, не 100 проценти исполнета жена, меѓутоа жена која што е вработена, има стабилна работа. Веќе сум втора година на факултетот. Децата ми се навистина среќни. За многу кратко време постигнав многу повеќе од колку што јас самата мислев дека можам и сакам да кажам дека многу значи таа една поддршка, на секоја една жена која што се наоѓа нели во истата ваква или слична ситуација. Дури и самите не се свесни колку можат, меѓутоа за се тоа да го можат и да го постигнат, сепак треба да имаат поддршка. Како порака би кажала дека навистина е тешко да се замине, меѓутоа е многу полесно од тоа што го живеат или го живееле. Сакам да кажам дека мирот нема цена, и колку и да е тежок патот, меѓутоа кога имате поддршка и кога имате цел, ќе успеете.

 

Back to top button
Close