Интонирањето на химната во училиштата засега – на пауза, Владата го повлече Предлог-законот за средно образование

Не можам како министер за образование да дозволам да страдаат и пет други закони, затоа што еден закон на ДУИ не му се допаѓа – да се интонира химната, ни рече министерката за образование Весна Јаневска

Државната химна нема да се интонира на почетокот и на крајот на учебната година и на патронатите на училиштата, зашто Владата го повлече Предлог-законот за средно образование откако партиите на Албанците од власта и од опозицијата најавија негова блокада.

„Слободен печат“ веќе објави дека една од опциите на владиниот партнер Вреди е законот да биде повлечен. Министерката за образование Весна Јаневска вели дека не се откажува од почитување на државните симболи и дека допрва ќе бара форма како тоа да функционира во мултиетничко општество. Владејачката Вреди, пак, заслугите за повлекување на Предлог-законот го препиша како свој успех, исто како и опозициската ДУИ.

Пред почетокот на комисиската расправа за законите од образованието, претседателката на Комисијата Иванка Василевска рече дека Владата го повлекува Предлог-законот за средно образование. По ова, видно среќна и задоволна, пратеничката Илире Даути од Европскиот фронт изрази благодарност до министерката.

– Изразувам задоволство во име на пратениците од Европскиот фронт зашто бевме вознемирани од законот кој во неколку точки беше во спротивност со етничката кохезија. Го поздравувам овој чекор од Министерството за образование и наука, зашто за законите треба да има поширока дебата и да бидат во служба на сите грѓани. Имаше проблематични точки, како што е интонирањето на химната. Кажавме дека химната треба да го рефлектира мултиетничкиот карактер. Среќна сум дека работите нема да се градат од покривот, туку од основата. Вие ги разјаснивте овие работи и го повлековте предлог-законот – рече Дауti.

Од Вреди соопштија дека Владата го повлекла законот откако тие поднеле амандмани.

– Уште еднаш се докажа дека клучен фактор кој ги гарантира албанските интереси е Вреди. Постапивме како што ни одговара. Без врева и без бучава. Во првото читање наредбата ја дадовме со тоа што воопшто не гласавме, а по потреба поднесовме амандмани. Како резултат на тоа, Владата го повлече законот. Државната химна нема да се интонира во училиштата – соопшти Вреди.

Министерката Јаневска во изјава за „Слободен печат“ вели дека Владата е одговорна и работи во корист на своите граѓани, а таа како министерка за образование работи во корист на учениците и студентите.

Повеќе

Back to top button
Close