Иран денеска во Оман го отфрлил американското барање за запирање на збогатувањето ураниум


Иран ги отфрли повиците на САД за запирање на збогатувањето ураниум на негова територија за време на денешните разговори во Оман, но изрази подготвеност да разговара за „нивото и чистотата“ на збогатувањето или за регионален конзорциум, изјави денес за Ројтерс дипломат запознаен со ставот на Техеран.

Дипломатот изјави дека американските преговарачи „се чини дека ја разбираат позицијата на Иран за збогатувањето и покажаа флексибилност кон барањата на Техеран“.

Тој додаде дека ракетните капацитети на Иран не биле дискутирани за време на разговорите во Мускат.

Шефот на иранската дипломатија, Сејед Абас Арагчи, претходно денеска иајзви дека нуклеарните разговори одржани со САД во главниот град на Оман, Мускат, биле „добар почеток“, истакнувајќи дека понатамошните разговори ќе зависат од консултациите со лидерите на двете страни.

„Севкупно, тоа беше добар почеток, но продолжувањето зависи од понатамошните консултации во нашите главни градови и одлучувањето како да се продолжи“, рече Арагчи.

Како што додаде, надминувањето на меѓусебната недоверба ќе биде клучен предизвик во продолжувањето на разговорите.

Во Оман денеска се одржаа индиректни преговори меѓу Иран и САД, со цел намалување на тензиите меѓу двете земји што ескалираа по бомбардирањето на иранските нуклеарни постројки од страна на САД во јуни минатата година и насилното задушување на протестите во Иран.

Иако деталите од преговорите не беа објавени, Министерството за надворешни работи на Оман објави дека шефот на дипломатијата, Бадр ал-Бусаиди, се сретнал одделно со својот ирански колега, Абас Арагчи, а потоа и со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп.

Според извештаите, разговорите имале за цел да се подготви теренот за продолжување на дипломатските преговори, но ниту една страна не даде официјални изјави за содржината на разговорите.

Разговорите во Мускат го означуваат првиот директен дипломатски состанок по воената ескалација во јуни, при што двете страни изразија претпазлив оптимизам за идните разговори.

Back to top button
Close