Иран до Трамп: Не мисли дека ќе влезеш триумфално во Пекинг
Иран испрати остра порака до американскиот претседател Доналд Трамп пред неговото патување во Пекинг на средба со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Советникот на иранскиот врховен лидер, Али Акбар Велајати, порача дека Трамп не треба да го толкува моменталниот прекин на борбите како победа на САД.
„Господине Трамп, немојте ни да помислите дека, користејќи го моменталното затишје во Иран, ќе можете триумфално да влезете во Пекинг“, изјави Велајати, а пренесе иранската полуофицијална агенција Тасним.
Тој додаде дека Иран ги победил САД „на бојното поле“ и предупреди Вашингтон да не се однесува како победник ниту во дипломатијата
„Ве победивме на бојното поле, затоа никогаш немојте да мислите дека ќе излезете како победник и во дипломатијата“, рече Велајати.
Изјавата доаѓа откако Трамп во понеделникот кажа дека едномесечното примирје меѓу САД и Иран е „на апарати“.
И покрај формалниот прекин на огнот, во изминатиот период двете страни продолжија со меѓусебни напади и тензии во стратешки важниот Ормуски теснец.






