Иран е исклучен од Минхенската безбедносна конференција поради задушувањето на протестите

Иранските претставници се исклучени од Минхенската безбедносна конференција по бруталното задушување на протестите во Иран, јави ДПА.
– Пред неколку недели беше испратена покана до поединечни претставници на владата на Иран, изјави денеска портпарол за ДПА. „Во услови на актуелните настани, Минхенската безбедносна конференција нема да ги задржи овие покани“.
Министерството за надворешни работи во Берлин претходно предупреди да не се канат ирански официјални лица на водечката светска конференција за безбедносни прашања, која треба да се одржи во баварската престолнина од 13 до 15 февруари.
– Сметаме дека учеството е несоодветно со оглед на крвавото потиснување на протестите, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи.
Протестите беа поттикнати од драматична економска криза, многу висока инфлација и широко распространето незадоволство од властите во Техеран. Иранските безбедносни сили брутално ги потиснаа протестите, при што се пријавени илјадници смртни случаи.
Иран не беше поканет да присуствува на конференцијата во изминатите три години под претходниот претседавач, Кристоф Хојсген. Овогодишниот претседавач, Волфганг Ишингер, првично одлучи поинаку пред да ја повлече поканата.
Од безбедносната конференција сè уште не коментираат дали иранските опозициски личности кои живеат во егзил ќе учествуваат на овогодишната конференција.
Реза Пахлави, синот на иранскиот шах кој беше соборен во 1979 година, присуствуваше во 2023 година.






