Иран е подготвен да ги преземе сите неопходни чекори за постигнување договор со САД


Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванчи денеска изјави дека Техеран е подготвен да ги преземе сите неопходни чекори за да постигне договор со САД.

– Подготвени сме да постигнеме договор што е можно побрзо. Ќе направиме сè што е потребно за да се случи тоа. Ќе влеземе во преговарачката сала во Женева со целосна искреност и добра волја, наведе Раванчи.

Следниот круг од преговорите со САД за иранската нуклеарна програма ќе се одржат в четврток во Женева. На средбата ќе присуствува американскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, а иранската делегација ќе ја предводи министерот за надворешни работи Абас Арагчи.

Иран и САД во текот на месецот ги обновија преговорите по засилувањето на американското воено присуство во Блиски Исток, а претседателот Доналд Трамп во петокот изјави дека размислува за ограничени напади врз Иран, со цел да го принуди Техеран на договор за неговата нуклеарна програма.

Иран претходно соопшти дека е подготвен на отстапки за нуклеарната програма во замена за ублажување на санкциите и признавање на правото за збогатување на ураниум.

Back to top button
Close