Иран ги исмева САД: „Сега го молат светот да купува руска нафта“

Иранскиот министер за надворешни работи Сајед Абас Арагчи остро го критикуваше потегот на САД привремено да ублажат дел од санкциите за руската нафта, обвинувајќи го Вашингтон дека сега „го моли светот“ да купува руска енергија.
Арагчи на социјалните мрежи објави насловна страница од весникот „Фајненшл тајмс“, во која се наведува дека Русија по американската одлука би можела да заработува околу 150 милиони долари дневно дополнителни приходи од нафта.
„САД со месеци вршеа притисок врз Индија да го прекине увозот на руска нафта. По две недели војна со Иран, Белата куќа сега го моли светот – вклучително и Индија – да купува руска сурова нафта“, напиша Арагчи, нарекувајќи го потегот на Вашингтон „патетичен“.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено ублажи дел од санкциите за руската нафта со цел да се ублажи растот на цените на енергенсите по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Вашингтон издаде привремена дозвола со која се овозможува продажба на дел од руската нафта што веќе се наоѓала на танкери на море, во обид да се стабилизира глобалниот енергетски пазар.
Одлуката предизвика критики и во Европа. Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека ваквиот потег е погрешен бидејќи го ослабува притисокот врз Русија поради војната во Украина.
Цените на нафтата нагло пораснаа по американско-израелските напади врз Иран на крајот на февруари, што предизвика сериозни нарушувања во глобалното снабдување со енергија.
Поради заканите за затворање на Ормускиот теснец – една од најважните рути за светската трговија со нафта – глобалните пазари остануваат под силен притисок.
Анализите покажуваат дека Русија би можела значително да профитира од растот на цените на нафтата и промените во санкциите. Според проценките објавени во „Фајненшл тајмс“, Москва би можела да остварува околу 150 милиони долари дополнителни приходи дневно од извоз на нафта.
The U.S. spent months on bullying India into ending oil imports from Russia. After two weeks of war with Iran, White House is now begging the world—incl India—to buy Russian crude.
Europe thought backing illegal war on Iran would win U.S. support against Russia.
Pathetic. pic.twitter.com/fbkrXpXa9P
— Seyed Abbas Araghchi (@araghchi) March 13, 2026
Извор: skopje1.mk






