Иран им се заканува на САД по изјавите на Трамп
Иран им се закани на САД и Израел со „уништувачки напади“ по најавите на Доналд Трамп за нови воени удари врз Исламската Република.
Иранското воено раководство упати жестоки закани кон Соединетите Американски Држави и Израел, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави нова ескалација на воените операции против Исламската Република. Централната команда на иранските вооружени сили, Хатам ал-Анбија, предупреди дека следува „уште поразорен и посеопфатен“ одговор.
„Подгответе се за наши мерки што ќе бидат уште поуништувачки и пообемни,“ соопшти командата во четвртокот, обраќајќи се директно до Вашингтон и Тел Авив. „Со доверба во Семоќниот Бог, оваа војна ќе продолжи сè додека не бидете понижени, обезчестени, исполнети со трајно каење и принудени да се предадете.“
Трамп најави нови удари: „Ќе ги вратиме во камено доба“
Трамп претходно изјави дека САД се блиску до исполнување на своите воени цели во Иран, притоа навестувајќи дополнителни напади. Обраќајќи се кон нацијата во средата, тој порача:
„Ќе ги вратиме во камено доба,“ повторно заканувајќи се со напади врз клучната иранска енергетска инфраструктура. Според него, американската армија ќе го „удри Иран екстремно силно во следните две до три недели“.
Ескалација што трае од февруари
САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран на 28 февруари. Веќе првиот ден од конфликтот, беше убиен врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи, како и други високи претставници на иранската власт. Од тогаш, Техеран возвраќа со ракетни и беспилотни напади врз Израел, врз неколку држави од Персискиот Залив, како и врз американски воени објекти во регионот.






