Иран исклучува директни разговори со САД за нуклеарната програма
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска ја отфрли можноста за какви било директни преговори со САД во контекст на сегашниот „максимален притисок“ на американскиот претседател Доналд Трамп за иранската нуклеарна програма.
Трамп беше архитект на таканаречената политика на максимален притисок кон Иран за време на неговиот прв мандат (2017-2021), со повторното воведување санкции за економски да ја ослабне земјата и да ја изолира на меѓународната сцена.
Од неговото враќање на власт во јануари, Трамп изјави дека сега се залага за преговори со Иран за контрола на неговата нуклеарна програма, но и дека ги заостри санкциите кон земјата.
-Нема да преговараме под притисок, закани или санкции, рече Арагчи, еден ден откако САД воведоа нови санкции врз Иран поврзани со продажбата на нафта.
Иранскиот министер за надворешни работи додаде дека затоа нема да има директни преговори меѓу Иран и САД за нуклеарното прашање, се додека „на овој начин се врши максимален притисок“.
Арагчи ова го изјави за време на состанокот во Техеран со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции кон Техеран.
Сепак, во 2018 година, Трамп, тогаш првиот претседател на САД, еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран.
Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје.
Иран го брани своето право да развива нуклеарна програма за цивилни цели, особено енергетски, но негира дека сака да изгради атомска бомба, иако западните земји се сомневаат во тоа.