Иран не е сигурен дека може да ѝ верува на Америка по израелскиот напад

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека Иран не е сигурен дека може да им верува на САД во дипломатските разговори, откако Израел изврши воздушен напад врз земјата само неколку дена пред закажаните разговори со американските претставници.

Во интервју за американската Ен-Би-Си во Женева, синоќа по состанокот со министрите за надворешни работи на Велика Британија, Германија, Франција и Европската Унија, Арагчи рече дека администрацијата на Трамп „треба да ја покаже својата решеност да се залага за договорено решение“.

Тој посочи дека Вашингтон можеби не бил навистина заинтересиран за дипломатија и само ги користел разговорите за нуклеарната програма на Иран како „покритие“ за воздушните напади на Израел врз Иран, кои започнаа на 13 јуни.

-Значи, можеби го имале овој план на ум, а преговорите им биле потребни само за да го прикријат. Не знаеме како можеме повеќе да им веруваме. Она што го направија е всушност предавство на дипломатијата, рече Арагчи.

Тој нагласи дека неговата влада е подготвена за разговори, но дека Израел прво мора да ги запре воздушните напади врз Иран.

-Не сме подготвени повеќе да преговараме со нив, сè додека агресијата продолжува, рече Арагчи.

Тој додаде дека Иран нема целосно да се откаже од збогатувањето на ураниум, како што побара Трамп, и дека „нулто збогатување е невозможно“.

-Ова е достигнување на нашите научници. Тоа е прашање на национална гордост, рече иранскиот министер, додавајќи дека тоа е право на секоја земја според меѓународното право.

Тој рече дека бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти од страна на Израел не може да го уништи техничкото „знаење“ што Иран го развил во својата нуклеарна програма.

Арагчи беше еден од главните преговарачи на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и светските сили, со кој се воведоа ограничувања на нуклеарната програма на Иран во замена за ублажување на санкциите на САД и меѓународните сили.

За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече САД од договорот.

Back to top button
Close