Иран почна поморски воени маневри

Иранската елитна Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) почна поморски маневри во Заливот, соопшти денеска нејзиниот поморски командант.

– Непријателите на Иран треба да знаат дека нема да бидеме заплашени и ќе ги попречиме нивните планови со стиснати тупаници, рече Алиреза Тангсири, пренесе новинската агенција ИСНА.

Маневрите ќе покажат дека Иран е подготвен за сите сценарија, рече Тангсири, пренесе ДПА.

Аналитичарите велат дека Иран сака да ги искористи маневрите за да докаже дека неговата самопрогласена „оска на отпор“ против својот главен непријател Израел не е ослабена со неодамнешните напади врз сојузниците во Либан и Сирија.

Стратегијата на Иран во регионот е под притисок по промената на власта во Сирија и убиството на водачите на милицијата Хезболах во Либан.

Воената вежба доаѓа и само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на функцијата. Трамп имаше остар пристап кон Иран за време на неговиот прв мандат, повлекувајќи се од Виенскиот нуклеарен договор од 2018 година и воведувајќи остри санкции кон Техеран.

Земјата богата со нафта оттогаш е заглавена во најтешката економска криза во својата историја, што дополнително ги зголемува нејзините проблеми.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран е подготвен да преговара за нов нуклеарен договор со Трамп.

Back to top button
Close