Иран пред пресврт по атентатот врз Хаменеи
Атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хаменеи, ја турна Исламската Република во најопасната криза од Исламската револуција во 1979 година — соочена со војна на сопствена територија, нерешено прашање на наследник и растечки внатрешни тензии.

И покрај шокот од убиството на Хаменеи, пет регионални официјални лица и аналитичари предупредуваат дека не треба да се очекува брз колапс. Според нив, политичкиот систем на Иран е намерно изграден за да не се потпира само на еден лидер, туку да ја распредели моќта меѓу верските институции, безбедносниот апарат и мрежата на центри на влијание.
„Иранскиот систем е поголем од еден човек — отстранувањето на Хаменеи може да го зацврсти режимот, а не да го ослабне“, вели Дени Ситринович од Атлантскиот совет.
„Иран е изграден да го преживее губењето на лидер,“ додава Али Хашем, истражувач при Royal Holloway, Универзитетот во Лондон. „Опасноста не е вакуумот. Опасноста е дали војната и притисоците ќе го турнат системот над точката каде што таа отпорност може да издржи.“
Во сржта на таа отпорност е елитната Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), која долго време важи за вистинскиот центар на гравитација на иранската моќ. Рамнотежата на силите сега зависи од тоа дали Гарда ќе биде ослабена од загубите и внатрешните тензии — или ќе се зацврсти, обединувајќи се околу уште построга, безбедносно ориентирана стратегија.
„Вистинското прашање е дали смртта на Хаменеи ќе ја извади силата од ИРГЦ — силата што всушност го води Иран — или тие ќе се обединат и зацврстат“, вели Алекс Ватанка од Middle East Institute. „Ако службениците од средното ниво проценат дека нема иднина, не сум сигурен дека ни Гарда ќе може да го одржи режимот.“
Регионални официјални лица сметаат дека ИРГЦ веројатно нема да се трансформира идеолошки, бидејќи нејзиниот идентитет и мандат се врзани за одбраната на револуцијата. Но можни се тактички промени, ако системот тоа го наложи.
„Тие може да се развијат во помалку тврдолиниска сила… постојат прагматични кадри кои би поддржале намалување на тензиите со САД, доколку тоа е неопходно за опстанок на системот“, изјави еден регионален функционер. Таа условна прагматичност ја прави ИРГЦ истовремено штит и барометар на системот.
Промена на режимот?
Џонатан Паников, поранешен заменик-национален разузнавачки офицер на САД за Блискиот Исток, вели дека Вашингтон и Израел изгледа дека спроведуваат стратегија која не се ограничува само на уништување на иранските воени капацитети, туку има за цел и дестабилизација на режимот преку елиминација на неговото високо раководство и тестирање на лојалноста на пониските ешалони.
Успехот на таа стратегија, вели тој, ќе зависи од тоа дали безбедносните сили ќе стојат настрана или ќе дезертираат ако повторно избие масовен народен бунт.
Државното раководство на Иран во 2017 година. февруари 2017Државното раководство на Иран во 2017 година. февруари 2017
Во меѓувреме, приоритет на Техеран е проектирање континуитет. Оперативно, командната структура продолжува да функционира, иако е под силен притисок. Ракетните единици, ПВО-системите и врвните команданти претрпеа загуби, но системот досега ги апсорбираше ударите.
Според официјалните лица, Иран се соочува со три вкрстени тестови:
• дали безбедносниот апарат може да издржи под оган;• дали ослабената елита ќе успее да се договори околу наследник или нов модел на управување;
• и дали јавноста, разнишана од шокот, ќе го турне системот кон подлабок политички распад.
Поранешниот претседател на парламентот Али Лариџани, сега секретар на Високиот совет за национална безбедност, во неделата објави дека привремен совет ќе го води транзицискиот период по смртта на Хаменеи.
Фигури како Лариџани и Мохамад Багер Калибаф, претседател на парламентот, се сметаат за можни мостови во таква фаза — олицетворение на безбедносно ориентиран, но прагматичен баланс.
Политички, Иран се соочува со процес на наследување што го поминал само еднаш — и тоа во далеку постабилни услови. Уставот го доделува изборот на Собранието на експерти, тело од 88 свештеници, но аналитичарите предупредуваат дека воена состојба може да го турне процесот кон импровизиран исход: или брза номинација на наследник, или привремено колективно раководство околу безбедносната елита.
Според нив, Хаменеи се обидувал да го обликува овој исход уште пред својата смрт. По 12-дневната војна со Израел во јуни минатата година, која го таргетираше него и неговото најблиско окружување, тој номинирал претпочитани наследници и обезбедил резервни команданти на клучните воени позиции.
Меѓу нив биле шефот на судството Голам-Хосеин Мохсени-Ежеи и Хасан Хомеини, умерен свештеник и внук на основачот на Исламската Република.
Но официјални лица велат дека изборот може да се одложи поради страв дека и наследникот би можел да биде таргетиран.
Конфликтот далеку од крајот?
Екстерно, Израел сигнализира дека кампањата е далеку од завршена. Два извори запознаени со операцијата велат дека Израел планира да продолжи да ги напаѓа политичките и безбедносните структури поврзани со иранскиот режим, како и системите за балистички ракети, за да ја ослабне државата и да создаде услови за промена на режимот.
Еден извор вели дека Израел сака кампањата да продолжи најмалку до уништување на ракетните капацитети на Иран, но стравува дека би можела да биде прекината ако Вашингтон постигне договор со Техеран.
„Целта е многу јасна: отстранување на егзистенцијалната закана за државата Израел“, изјави портпаролот на израелското МНР, Орен Марморштајн, за Ројтерс. „Таа закана е иранскиот режим. Немаме проблем со иранскиот народ.“
Висок функционер запознаен со заедничкото американско-израелско планирање вели дека е прерано да се предвиди каков политички поредок би можел да се појави во Иран. Кампањата е во рана фаза, а исходот ќе зависи од развојот на терен.
Според него, Иранците мора да ја преземат судбината во свои раце — што, додава, може да стане полесно кога САД и Израел ќе постигнат „воздушна супериорност“ над Иран.
Одржувањето на темпото и интензитетот на нападите е клучно, велат функционерите, за да се искористат потенцијалните пукнатини внатре во Иран и ИРГЦ по убиството на високите лидери. Детали за можен распад на командните структури не беа изнесени.
Конфликтот отвори и нови ризици. Со странски армии кои дејствуваат во иранскиот воздушен простор и намалената способност на државата за контрола, аналитичарите велат дека немирите би можеле да се интензивираат ако повторно избие масовен анти-владин бран — со потенцијал за дезертирање од безбедносните сили и подем на цивилни фигури кои повикуваат на промена.(dw)






