Иран предупредува на последици за американските трупи во регионот во случај на напад од САД


Претседателот на иранскиот Парламент Мохамад Багер Галибаф го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп на последиците за американските војници во регионот доколку Вашингтон одлучи да го нападне Иран.

– Можеби господинот Трамп може да започне војна, но нема контрола врз тоа како ќе заврши, изјави Галибаф за американската телевизија Си-Ен-Ен.

Тој додаде дека илјадници американски војници, стационирани илјадници километри од својата татковина, сигурно би претрпеле последици.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера му се закани на Иран со превентивен воен удар доколку раководството во Техеран планира напади врз американски воени објекти.

На сослушување пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот, Рубио изјави дека САД имаат распоредено меѓу 30.000 и 40.000 војници на осум или девет локации во регионот на Персискиот Залив, кои, како што рече, се во дострел на илјадници ирански дронови и балистички ракети со краток дострел.

Тој го оправда распоредувањето со потребата за заштита на сојузници како Израел од можни ирански напади.

Нема независна потврда за овие бројки, но слични проценки се појавувале и во претходни извештаи на Пентагон, посочува ДПА.

Американската администрација повеќепати се закануваше со воена интервенција против Иран поради неговата нуклеарна програма и поради насилното задушување на масовните протести на почетокот на годинава.

САД и Израел во јуни минатата година извршија напади врз ирански нуклеарни објекти.

Back to top button
Close